СДСМ е против претседателот да се бира во Собранието


 

Социјалдемократскиот сојуз уште веднаш ги расчисти дилемите дали тој ја поддржува или не идејата на корпусот албански партии, меѓу кои најгласна е ДУИ, претседателот на државата да се бира со двотретинско мнозинство во Собранието. Плус со Бадинтер и плус веројатно да има и заменик-претседател.

СДСМ е против таквите идеи.

Во официјалното соопштение на партијата се вели дека ДУИ имала таква идеја и во 2019, но дека СДСМ ја отфрлило.

„Идејата на дел од партиите која овие денови се реактулизира претседателот на државата да се избира во Собранието не е нова. Станува збор за реафирмирање на барањето на ДУИ од 2019 година коешто не беше прифатено од страна на СДСМ. 

Како и тогаш така и сега, ставот на Социјалдмократскиот сојуз на Македонија останува идентитечен: моделот на избор на претседател на државата не треба да се менува. Не треба да се оди назад во демократските процеси.

СДСМ останува на ставот дека претседателот на државата треба да го бираат граѓаните на директни, непосредни избори како врвно демократско право на граѓаните. 

Претседателот на државата треба да биде претставник не само на мнозинската волја на граѓаните туку и на сите граѓани, без разлика на нивната политичка, етничка или друга припадност.

Претседателот на државата е човек кој е над партиските и над етничките определби, ги претставува сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи, сите“, се вели со соопштението на СДСМ.