СДСМ: ДУИ да престане да го партизира јавното здравство


Демократската унија за интеграција мора да престане да го партизира здравството, порача денес СДСМ.
– Наместо да организираат протести подобро е овие 15 дена до изборите да ги искористат да направат 4-годишен план за реформа и демократизација на својата партија. Четири години во опозиција се доволно време за реформа на една партија.
ДУИ треба да сфати дека довербата кај граѓаните се гради низ годините, а не со евтина национал-популистичка пропаганда во последните 15 дена пред изборите.
Време е и ДУИ и сите останати политички субјекти да се издигнат над партиските интереси.Здравјето на граѓаните, одржувањето на стабилен здравствен систем, се поважни и повредни од нивната желба за партиско профитерство.Кој ќе ги предводи институциите во следните четири години одлучуваат исклучиво граѓаните, не одлучува ДУИ, стои во реакцијата на СДСМ.
Реакцијата уследи откако непознато движење „Јас верувам“ денес јавно реагираше против наводна дискриминација и нееднаквост.
-Фактот дека Арбен е заменет со Александар е симптоматично за нашето општество.

Господине Заев, кажете ни само една причина за разрешување на доктор  Зибери? Се што знаеме е дека тој направи одлична работа како директор на Центарот за јавно здравје, особено во време на кризата со корона, кога беше на првите редови на борбата против пандемијата. Отпуштивте посветен и професионален државен службеник затоа што тој го изрази своето мислење на Фејсбук а зборувате за демократија и граѓански права?

Го сменивте, и покрај неговата лојалност и професионалност, со Македонец? Кажете ни, ако Арбен навистина згрешил, зошто не одбравте еден од многуте албански здравствени експерти кои имаат исти вештини или можеби и подобри од Александар?

Јасно е дека вие целите на евтини македоснки гласови. Но, од некој што сака да ја води државата, очекувавме морален интегритет и очекувавме чесност. Ние Албанците очекуваме еднаквост.

Во 2016 година, многу Албанци гласаа за СДСМ – затоа што ветивте еднаквост, ветивте општество за сите. Во 2016 година ви однапред ви ја дадовме доверба. Ви ги дадовме нашите гласови. Ветивте дека ќе бидете поразлични од ВМРО. Вие станавте премиер само заради албанските гласови. Ги добивте нашите гласови, а за возврат, ние добивме само повеќе од истото. Разочарани сме! Гневни сме!

Ова не се однесува само на Арбен Зибери. Ова се однесува на фактот дека Албанците сè уште не се еднакви. Македонците сè уште се привилегирани во сите области на општеството. Албанците сè уште се граѓани од втор ред. Се соочуваме со нееднаква правда, се соочуваме со дискриминација во работата и во секојдневниот живот.

Знаеме дека како политичар не можете да го менувате менталитетот на луѓето преку ноќ. Но, ние очекувавме да вие да играте примерна уога. Очекувавме искрени напори за еднаквост. А вие го заменивте Арбен со Александар. Само затоа што неговиот чичко се осмели да се кандидира за премиер како Албанец. Позиција за која верувате дека ви припаѓа само вас, затоа што сте Македонец, стоеше во реакцијата на ова  движење.