СДСМ брифирал странски дипломати за пандемијата и за датумот за избори


Социјалдемократскиот сојуз попладнево соопшти дека во неговите простории денеска се одржал брифинг со амбасадори и претставници на амбасадите на државите членки на ЕУ, Обединетото Кралство, САД, ЕУ и ОБСЕ. Според соопштението од партијата, на брифингот, на кој од страна на СДСМ учествувале заменик-претседателката на партијата Радмила Шекеринска, членот на ИО Рената Треневска-Дескоска, меѓународниот секретар на СДСМ Бојан Маричиќ и носителот на кандидатската листа во ИЕ1, Никола Димитров, се зборувало за „мерките кои се преземаат за справување со пандемијата и организација на предвремени парламентарни избори во најскор можен рок“.

Очигледно оваа средба е дел од дискретниот обид на странските дипломати во земјава да се изгради некаков мост меѓу власта и опозицијата за одредување датум за предвремените избори кога двете страни се на прилично оддалечено растојание околу тајмингот.

„Претставниците на СДСМ ги запознаа дипломатите со напорите за справување со кризата и за планот за нормализација на животот во државата согласно новите услови.
Одговорно пред сѐ за здравјето на граѓаните, економијата и демократијата е изборите да се одржат во првиот можен рок, пред новиот бран од корона вирусот наесен кој треба да го дочекаме целосно подготвени, со Собрание и Влада со полн легитимитет.
Заради одговорност пред државата и грижа за граѓаните, претставниците на СДСМ укажаа на цврста определба да се почитуваат уставот и законите и да се одржат изборите согласно роковите од 22 дена по завршување на вонредната состојба“, стои во соопштението на СДСМ.