СДСМ бара од Мицкоски да каже дали е за ЕУ или за Левица


Фото: Б. Грданоски
 

СДСМ побара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да каже дали е за ЕУ блокот или ќе продолжи по патот на популизмот трасиран од Левица.

-Христијан Мицкоски продолжува со својата пракса да нема став за секое прашање што е од национална важност. Со недели Мицкоски не дава одговор и не им кажува на граѓаните што одлучи, дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане изолиран со Димитар Апасиев во антиевропскиот блок. Наместо тоа Мицкоски како по обичај реши да пласира нови лаги, нови небулози со кои се обидува да ја лаже македонската јавност. 

Лагите што тој и неговата ВМРО-ДПМНЕ ги шират одново ќе бидат демантирани пред јавноста и ќе пропаднат како и сите претходни, Мицкоски треба да знае дека блокада на европскиот пат освен што значи загрозување на иднината на земјата, на меѓународните позиии на државата, негативно ќе влијае и на односите со САД. Но на крајот, сите негови деструктивни обиди повторно ќе бидат поразени., порачаа од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак возвратија дека уставни измени под овие услови нема да има и дека, штом Ковачевски и Владата велат дека имаат мнозинство,с поскоро до Собранието да ја поднесат  иницијативата за промени на Уставот.

-Ковачевски вели дека имал храброст и ако таа храброст не ја изгубил некаде по пат или ако не му ја чуваат заклучена во фиока, нека се одважи и нека се појави во Собранието со овој предлог.Патем кога Ковачевски ќе ја поднесува иницијативата за уставни измени нека си испечати една оставка со истата содржина која ја подготвил минатиот пат, но која му ја искинал Талат Џафери. Таа оставка очекуваме да ја поднесе веднаш по гласањето во Собранието, кога ќе се утврди дека власта нема двотретинско мнозинство, а со тоа нема ни услови за отпочнување на постапката за промена на Уставот.Џабе одолговлекуваат, џабе сеат магла, џабе купуваат време.  Под овие услови и под ваков диктат уставни измени нема да има, затоа што ВМРО-ДПМНЕ и народот тоа нема да го дозволат.

Без одлука на Собранието неуставна и без мандат е и работата на телото на партиските експерти од владејачките партии кои ги трошат народните пари за хонорари.  Овие наводни експерти го претворија нивното тело во желботека и џубокс за идеи, кои водат дури и до редефинирање на унитарниот карактер на Македонија, оценија од партијата.