СДСМ бара Мицкоски да преземе одговорност за „циркусот“ во Собранието


Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, изјави вечерва дека по подлг период лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, конечно кажал една вистина – дека постојното парламентарно мнозинство ќе се зголемува. 

„Сѐ друго е резултат на на докажаниот губитник Христијан Мицкоски. Тој ја излажа јавноста дека има ново мнозинство од 61 пратеник и сега да не бара алиби за неуспехот во други. Само за да дојде на власт седна на иста маса со анти-ЕУ и анти-НАТО структури, без никакви принципи, никаква политичка понуда“, порача Митревски, нагласувајќи дека не од нив туку токму од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ народот бил излажан и дека затоа тој треба да излезе, да им се извини на граѓаните и да преземе одговорност.

Запрашан дали по престројувањето на Беса на страната на опозицијата владата на СДСМ има мнозинство тој рече дека не само што имаат туку тоа и ќе се зголемува, но остави за настаните што ги лоцираше временски во текот на утрешниот ден да соопшти некој друг.

На прашањето дали знае каде е Кастриот Реџепи и дали е точно дека е киднапиран Митревски рече дека  има обратни информации од опозицијата – дека токму од неа му вршат притисок и дека очекува деновиве да излезе и да и ги соопшти деталите на јавноста околу тоа што му се случувало во овој период.

„Реџепи е пратеник што не може да биде против, тој е – за“, го протолкува кратко неговото однесување Митревски.

Тој не сакаше да коментира дали Реџепи ќе биде дел од новото парламентарно мнозинство што се најавува. Не знаеше точно ни како ќе заврши технички седницата, иако очигледно гласањето за недоверба на владата пропадна. Најави дека заедно со спикерот на парламентот ќе решат како да ја завршат. Очекувањата во парламентот неофицијално беа дека само ќе се чека да дојде 24 часот за да се прогласи практично дека седницата и гласањето за доверба пропаднаа. (С.Ј.)