СДСМ бара Мицкоски да го смени Тошковски од Управувачкиот комитет за кризи


Панче Тошковски (Фото: Б. Грданоски)

 

Опозициската СДСМ денеска побара премиерот Христијан Мицкоски да го смени министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски од раковдната функција во Управувачкиот комитет за кризи поради алармантната состојба со пожарите.

„Граѓаните од терен посочуваат дека пожарникарите навреме делуваат и силно се борат со огнот, но во исто време забележуваат на спора реакција на воздухопловите и доцнење со часови. Лошата координација со воздухопловите и нивното доцнење со часови се посочува како најслаба алка во делот на справувањето со пожарите во изминатите денови.

Го нема ниту најавеното засилено присуство на полицијата на теренот како дел од превентивните мерки.

Постојат индиции дека дел од пожарите можеби се и подметнати. Но досега нема никакви информации од МВР. Зошто никој не е приведен? Зошто ниту еден случај не е расчистен?

Тошковски покажа неспособност да ја координира активноста на Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи.

Бараме итно Мицкоски да го смени Тошковски и да се назначи нов одговорен за координација на системот за управување со кризи.

Само директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов е постојано на терен и очигледно е дека дава сѐ од себе. Но, зошто ги нема Тошковски и Мицкоски“, прашува СДСМ.

На ова со реакција веднаш се јави Тошковски, кој преку Фејсбук порача дека министерството ќе преземе жестоки мерки кон секое лице за кое ќе биде утврдено дека намерно подметнало пожар. Тој упати апел граѓаните да постапуваат совесно и одговорно.

Претходно МВР објави дека бил уапсен човек во радовишко под сомнение дека подметнувал пожари.