СДСМ бара истрага за упадот на Чулев во магацинот на Заеви


Фото: Борис Грданоски

СДСМ влезе во директна вербална војна со министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев откако тој направи полициски упад во магацините за донации на семејството Заеви во Струмица.

-Скандалозно е тоа што структури на Наќе Отсјај во полицијата се обидуваат да попречат хуманитарна акција.За време на оваа криза наместо да помогнат ВМРО-ДППМНЕ и Христијан Мицкоски на било кој начин  гледаат како им одмагаат на граѓаните.Тие не знаат да донираат, да помагаат, да дадат, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ знаат само да грабаат од граѓаните.Граѓаните уште еднаш може да се потсетат на режимското МВРО-ВМРО.

Скандалозното однесување на полицијата во Струмица покажува дека Наќе Отсјај ја злоупотребува полицијата во политички цели на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се истите манири кои 11 години ги практикуваше режимот. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ.Законите мора да важат за сите и за оваа злоупотреба одговорност мора да има.

Очекуваме МВР и сите надлежни институции да отворат истрага за овој скандал и да соопштат на јавноста кој ќе понесе одговорност.Хуманоста и помагањето на граѓаните немаат никаква врска со политика, тоа се морални и човечки вредности.
Ниту една злоупотреба на ВМРО-ДПМНЕ не може да ја спречи хуманоста. ВМРО-ДПМНЕ со нивните полициски структури нема да ја спречат македонската солидарност, стои во реакцијата на СДСМ.

Чулев деновиве влече без прекин провокатвни потези,трошејќи повеќе енергија на партиска пресметка со СДСМ отколку за работата на МВР. Тој  покрена нова истрага околу умрените мајка и татко во Велес, и водејќи се од струјомери и сметки за вода ја стави под прашалник проценката на министерот Венко Филипче дека смртта не настанала во јануари туку во март. Потоа Чулев тргна во акција да го брани Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој беше фатен како за време на полициски час излегува од теретана, тврдејќи дека тоа што носел на рацете не се ракавици – туку отсјај од светлата. Кавга на оваа релација имаше и околу тоа кој барал какво олеснување на мерките, бидејќи и на таа тема министерот водеше полемика во јавноста.