СДСМ бара Антикорупциска да истражи дали Јанушев има фирма во Бугарија, а не ја пријавил
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска од пред Антикорупциската комисија побара ова тело да истражи дали генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, има фирма во Бугарија и што и како работи таа. Барањето за испитување на случајот е поради тоа што Јанушев не го навел поседувањето на фирмата во анкетниот лист.
„Бугарски капитал, фрима или ваква поврзаност не е наведена во неговите анкетни листови доставени до ДКСК. ДКСК не смее да биде нем набљудувач на скандалите на власта. ДКСК мора веднаш да отвори предмет, да ги провери сите факти, да ги побара сите документи и без одлагање да ја информира јавноста.
Дали Игор Јанушев пријавил сѐ што бил должен да пријави согласно закон или криел?
Законот предвидува и законска казна доколку се докаже дека криел удел во фирма и ќе мора да одговара. Бидејќи Јанушев го нема втор ден институциите се должни да ги дадат одговорите“, рече Кузеска.
Инаку, вчера ВМРО-ДПМНЕ во партиската реакција индиректно потврди дека Игор Јанушев има фирма во Бугарија. „Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, никогаш не аплицирал за никакво друго државјанство, а не пак за бугарско, и не остварил приход од фирмата во Бугарија“, рече во своето соопштение ВМРО-ДПМНЕ.