СДСМ: Автобусите за Скопје ги доби компанија на човек од кругот на Орбан
Опозицискиот СДСМ вели дека на тендерот за електрични автобуси во Скопје и други градови победникот унгарскиот „Икарус“ сега доставил понуда поскапа за 8.000 евра по парче во споредба со претходниот оглас.
СДСМ тврди дека претседателот на компанијата „Икарус“, Габор Селеш, е долгогодишен поддржувач на Виктор Орбан.
Според „Форбс“, Габор Селеш е деветтата најбогата личност во Унгарија, со проценето богатство од 700 милиони евра. Врските со Орбан се уште од 1990-те години. Габор Селеш е и медиумски могул бидејќи меѓу другото го купи еден од познатите унгарски весници, либералниот „Маѓар хирлап“ и потоа го претвори во пропагандна алатка на владата на Орбан. Ја имаше и телевизијата Ехо. Неговата медиумска империја беше гласен поддржувач на Орбан и неговите политики. Познат е и по тоа што ги организираше владините маршеви за мир во Будимпешта.
Според СДСМ, тендерот за електричните автобуси е „класичен модел на соработката Орбан–Мицкоски.
Додека во Унгарија новиот премиер Петер Маѓар отвора истраги за кредитот од милијарда евра и за орбановите зделки, кај нас истиот круг продолжува да лапа тендери.
Поскапи автобуси за граѓаните, а истите врски остануваат недопрени“, вели партијата и нагласува дека владата по истиот принцип го воведе и 4iG како мобилен оператор во Македонија.