СДСМ: Антикризните мерки се темел за интензивирање на економијата по завршување на кризата


Здравјето на граѓаните и мерките против ширење на коронавирусот се приоритет, но приоритет на Владата предводена од СДСМ во оваа тешка криза се и мерките за поддршка на економијата, за кои постои голем интерес кај компаниите, велат од СДСМ.
Во соопштението до медиумите се додава дека досега над 20.000 компании користат или аплицирале за антикризните мерки на Владата за борбата против корона кризата.
– Над 19.200 компании се пријавени за финансиска поддршка од  14.500 денари по вработен, која може да ја користат и самостојни вршители на дејност. Фирмите кои ќе ја користат оваа мерка нема да треба да ја вратат финансиската поддршка, дури и ако во 2020 година остварат добивка, ако истата сума ја инвестираат во развој на сопствената компанија во текот на 2021 година, велат од СДСМ.
Исто така, над 1.000 фирми веќе користат ослободување од аконтации од данок на добивка, а на 631 компанија со 5.600 вработени им се одобрени бескаматни кредити од COVID-1 линијата од  4.7 милиони евра. За бескаматните кредити од COVID-2 линијата од 8 милиони евра, аплицирале над 1.200 компании.
Најпогодените сектори од кризата како угостителството, туризмот и транспортот, покрај 14.500 денари по вработен, можат да добијат и поддршка за покривање на 50 отсто од придонесите за април и мај.
Истовремено во април за 16,7% на годишно ниво е зголемен повратот на ДДВ на фирмите, кој изнесува 145 милиони евра, што е под големо значење за одржување на ликвидноста на стопанство.
– Економските мерки даваат резултати, што се потврдува со проекциите на Светска банка, според кои нашата земја најдобро ќе се справи со економскиот удар од коронакризата во споредба со сите земји во регионот, се вели во соопштението до медиумите, при што се додава дека ќе продолжат со мерките за зачувување на 250.000 работни места, и помош на над 35.000 компании, со што ги поставува темелите за брзо интензивирање на економијата по завршување на кризата.