Савески вели дека Ристоска пребрзо поднела оставка. Тој ѝ го одзеде „Талир 2“, а сега вели пак ќе ѝ бил доделен

Државниот обвинител не знае дали ќе се жалат на пресудата за „Талир 2“. Чекаат писмено образложение


Фото: Б. Грданоски

 

Републичкиот јавен обвинител ги отфрли критиките дека придонел на некој начин за ослободителната пресуда за Никола Груевски во случајот „Талир 2“ и одбивањето на барањето да се конфискува зградата на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој денеска изјави дека критиките на оваа пресуда од поранешната обвинителка Ленче Ристоска бидејќи не одговарале на фактите. „Талир 2“ беше во надлежност на ОЈО Скопје, каде што работеше Ристоска.

„Токму овој предмет, доколку таа не поднесеше оставка, ќе беше во нејзино надлежно постапување. Моето повлекување на овластувањата никако не можеше да се смета дека имало последица да ѝ биде одземен предметот. Доколку останеше, таа ќе работеше на овој предмет. Одлуката на обвинителката Ристоска да поднесе оставка беше нејзина лична одлука“, потенцира Савески.

Кога ѝ ги одзеде овластувањата (многу брзо откако беше избран) Савески рече дека таа одлука не била насочена кон работата или професионалниот интегритет на обвинителката Ристоска. Таа одлука, според него, била исклучиво од организациска природа и има за цел подобрување на ефикасноста и функционалноста во постапувањето на Јавното обвинителство. Тој велеше дека и на други обвинители треба да им се даде шанса. Ленче Ристоска поднесе оставка по два дена откако Савески ѝ ги одзеде овластувањата за „Талир 1“ и „Талир 2“.

Ленче Ристоска поднесе оставка откако Советот на јавни обвинители ја отфрли претставката за напад врз нејзиниот професионален интегритет од страна на премиерот Христијан Мицкоски наведувајќи квалификации како „медиокритет“ и повлекувањето на овластувањата за нејзино постапување по клучните предмети кои се во завршна фаза.

„Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и создаваат конкретни ризици за исходот на предметите што таргетираат висока корупција и организиран криминал. Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам – обвинителство што работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и доследно го брани јавниот интерес“, наведе Ристоска во објава на социјалните мрежи.

Савески нагласи дека обвинителството сè уште нема донесено конечна одлука дали ќе поднесе жалба на ослободителната пресуда за случајот „Талир 2“. Тие ја чекаат писмената верзија на пресудата, па дури потоа обвинителите ќе направат анализа на одлуката на Кривичен.

„Не можам да ви одговорам сега, бидејќи како и во секој предмет, така и во овој, ќе се чека писмената верзија на пресудата. Целото образложение ќе се анализира и тогаш ќе се донесе одлука дали судот го убедил обвинителството со својата одлука и образложение или не“, рече Савески.