Саудиска принцеза ограбена во Париз – украдени чанти Хермес, накит и крзно вредни 600.000 евра


Франција – Една саудиска принцеза, која била отсутна од својот стан во Париз од  август, кога вчера се вратила во домот открила дека биле ограбени нејзините скапоцени чанти, накит и крзно, во вредност од 600 000 евра. Принцезата била во шок и е сместена во болница, јави дописникот на МИА.

Како што објавија француските медиуми, саудиската принцеза не била во нејзиниот стан во Париз од средината на август. По враќањето во четвртокот, таа го пронашла станот испразнет од нејзините торби, накит и крзна. Вкупниот износ на пленот изнесувал најмалку 600.000 евра, наведува извор близок до истрагата.

-Сторителот влегол  во овој голем стан на авенијата Жорж-V , лоциран во близина на Елисејските полиња, без употреба на сила, изјави истиот извор со што ја потврди  информацијата објавена од весникот Паризиен.

Исчезнати биле 30-тина торби Хермес, проценети меѓу 10.000 и 30.000 евра по парче, часовник Картие, накит и крзно.

-Вкупната штета се уште се проценува, наведува изворот.

Жртвата е 47-годишна жена, чиј идентитет не се открива, а заради шокот таа била хоспитализирана и истражителите се уште не можеле да ја сослушаат.

Јавното обвинителство во Париз отвори истрага и и ја довери на Бригадата за разбојништва на париската судска полиција.