Саудиска Арабија собра советници од 30 земји во светот, се разговара за мир во Украина


Во градот Џеда денеска почнаа дводневните разговори меѓу советниците за национална безбедност од 30 земји, а главна тема на средбата требаше да биде постигнување мировен договор за Украина.

Функционерите во Саудиска Арабија ги пречека престолонаследникот Бин Салман, а како што беше претходно нагласено, на оваа средба нема да присуствуваат руски претставници. Иако нема да присуствува на средбата, Кремљ претходно нагласи дека будно ќе ги следи настаните на средбата.

„Останува целосно да се разберат кои цели се поставени и за што, всушност, планираат да разговараат организаторите. Сите обиди да се промовира мирно решение се вредни за напорите и позитивните оценки“, рече Дмитриј Песков.

Од друга страна, Кина на преговорите го испрати својот специјален пратеник за евроазиски прашања, Ли Хуи.

„Имаме многу несогласувања и слушнавме различни ставови, но важно е да споделуваме принципи“, рече кинескиот претставник.

Исто така, Украина за време на средбата треба да ја претстави својата формула за мир, која веќе и е претставена на јавноста во скратен формат.

По повод средбата, Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија соопшти дека средбата е само продолжение на активностите кои саудиските власти ги преземаат за да се реши украинската криза.

„Владата со нетрпение очекува дека средбата ќе поттикне дијалог и соработка преку размена на мислења и координација за да се изнајдат решенија за кризата“, изјавија оттаму.

И покрај тоа што многу аналитичари не очекуваат самитот да биде успешен, се посочува дека ваквиот настан е можност саудискиот престолонаследник да ја зајакне својата дипломатска позиција.

„Принцот престолонаследник сака да ја зајакне дипломатската улога на кралството како регионална сила. Тоа се рефлектира во различни обиди за зближување, со кои исто така се обидува да ги намали тензиите со главниот непријател Иран, како и со Јемен“, рече Симон Енгелкес. советник за блискоисточна политика во Фондацијата Конрад Аденауер.