„Сатирата во името на смеата“ – самостојна изложба на Мице Јанкуловски во „Остен“
„Сатирата во името на смеата“ е насловена самостојната изложба на Мице Јанкуловски, на која се претставени сатирични слики во техника масло на стакло. Изложбата е отворена во галеријата „Остен“ денеска и ќе може да се посети до идниот вторник, 21 април.
„Остен“ соопшти дека мултимедијалниот уметник Јанкуловски ја истражувал ретката и фасцинантна техника на сликање со масло на стакло, создавајќи препознатлив циклус сатирични дела.
-Создадени претежно во 1980-тите, овие дела користат живописен визуелен речник и остра сатира за да дадат критички општествен коментар. Со своите сатирични слики тој не само што ја става сатирата во служба на хуморот туку и во служба на вистината. Деликатната природа на сликањето на стаклената мазна површина, во комбинација со смелата, критичка содржина, ја истакнува единствената способност на Јанкуловски да ги спои техничките вештини со продорната духовитост, посочува „Остен“.

Мице Јанкуловски е неколку децении активен во повеќе уметнички дисциплини (карикатура, сликање сатирични слики на стакло, анимиран филм, палиндроми) и е постојано посветен на истражувањето и создавањето во областа на сликарството и цртежот.
Имал повеќе од шеесет самостојни изложби во земјата и во странство и забележителни претставувања на значајни меѓународни изложби и биенални манифестации, како во Фиренца, Санкт Петербург, Солун, Венеција, Торино, Ларнака, Варна…
Јанкуловски е добитник на многу домашни и меѓународни награди. Во 1978 јa објавил книгата со карикатури „Насмевка низ солзи”, во издание на „Студентски збор“, автор е и на анимираниот филм „Повлечи – потегни“ во продукција на „Вардар филм“.
Јанкуловски е вклучен во антологијата „Македонска карикатура“ од Владимир Величковски (1994) и во антологијата „Визуелните уметности во Македонија – XX век“, Книга II – Мултимедијална уметност од Соња Абаџиева (2017).