„Сатански стихови“ на Салман Ружди се врати во индиските книжарници по 36 години


Романот „Сатански стихови“ на Салман Ружди повторно се појави во индиските книжарници 36 години откако беше забранет во 1988 година, објавија денеска британските медиуми.

Како што објави Гардијан, повторното појавување на ова дело во книжарниците нема врска со слободата на говорот, туку со изгубен документ со кој се забранува.

Оригиналниот документ со кој индиската влада го забрани увозот на оваа книга не можеше да се најде во лавиринтот на индиската бирократија, а судот во Њу Делхи конечно беше принуден да ја укине забраната.

Романот на Ружди, инспириран од животот на пророкот Мухамед, предизвика жестока дебата ширум светот за слободата на говорот, откако тогашниот ирански врховен водач, ајатолахот Хомеини, издаде фатва, или смртна казна, против писателот за наводно богохулење.

Романот беше забранет во Индија од владата на Раџив Ганди во 1988 година, откако неговата содржина предизвика немири.