Сашо Тасевски реизбран за директор на Бирото за јавна безбедност

На денешната седница Владата го прифати предлогот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Сашо Тасевски да биде именуван за директор на Бирото за јавна безбедност.

– На денешната седница на Владата го предложив досегашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, за нов четиригодишен мандат, при што предлогот беше едногласно усвоен, објави Спасовски на својот фејсбук-профил.

Тој му посака на Тасевски да продолжи со раководењето со БЈБ како и досега, со, како што наведува, успешни резултати во намалување на криминалот и враќањето на довербата на граѓаните во македонската полиција.

– Многу е важно во секој момент да ги имаме вистинските луѓе на вистински места, одговорни и чесни луѓе кои доверената раководна позиција ја извршуваат со сериозна одговорност пред граѓаните и државата, пишува Спасовски.