Сашо Клековски од аналитичкиот свет премина во врвот на ВМРО-ДПМНЕ

Партијата доби уште двајца нови потпретседатели - Тимчо Муцунски и Гордана Димитриеска-Кочоска


Сашо Клековски стана дел од политиката

 

Христијан Мицкоски ја прошири политичката база на неговите главни соработници во врвот на ВМРО-ДПМНЕ откако му предложи на Централниот комитет на партијата, а овој ги поддржа новите имиња во раководството. Централниот комитет вечерва избра уште двајца потпретседатели на партијата, Тимчо Муцунски (градоначалник на Аеродором) и  повеќегодишната блиска соработничка на Мицкоски, Гордана Димитриеска-Кочоска. Покрај нив, остануваат и двајцата досегашни потпретседатели, Александар Николоски и Владо Мисајловски.

Веројатно најзвучното ново име во раководните структури на ВМРО-ДПМНЕ е поранешниот долгогодишен директор на невладината организација МЦМС, Сашо Клековски, кој последниве години беше експониран како политички аналитичар со ставови блиски на десницата.

Клековски е член на новиот состав на Извршниот одбор, кој сега брои 27 члена (два повеќе од досегашниот). Покрај него, Мицкоски во изјава за време на паузата на седницата на Централниот комитет, која се одржа во скопското кино „Милениум“, рече дека нови членови на Извршниот комитет се Маја Кадиевска-Војновиќ, поранешна вицегувернерка на Народната банка и професорка на Американ колеџ. Кадиевска-Војновиќ е четврт член од професорскиот кадар на Американ колеџ кој во последните години влегува во високата политика. Таму предаваа и претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, новиот член на Извршниот одбор на СДСМ, архитектот Мишко Ралев, а сега во политиката, но на десничарската страна, се приклучи и Маја Кадиевска- Војновиќ.

Во Извршниот одбор влегуваат и двајца доктори, детскиот хирург Ристо Симеонов и Мевмет Џафери од Маврово-Ростуше. Потоа, нови членови на ИК се и пратениците Ели Панова и Миле Лефков, но и актерот Зоран Љутков. Меѓу другите член на Извршниот одбор стана и Марија Митева, портапролка на ВМРО-ДПМНЕ. Во него и натаму остануваат проверените кадри Антонио Милошоски, Трајко Славески, Влатко Ѓорчев…

Генерален секретар на партијата и натаму ќе биде Ѓорѓија Сајкоски, а секретар за меѓународна соработка стана Стефан Андоновски, кој напредува во партијата со доаѓањето на Мицкоски. (Н.В.)