Сардинија избра левичарски претседател, болен удар за премиерката Мелони
Алесандра Тоде, политичарка од Движењето пет ѕвезди, која беше поддржана од Демократската партија, за влакно го победи кандидатот на владејачката десничарска коалиција
Италијанската премиерка Џорџија Мелони го претрпе својот прв неуспех на регионалните избори откако ја презеде власта откако левичарски кандидат беше избран за претседател на Сардинија.
Алесандра Тоде, политичарка од Движењето пет ѕвезди (М5С), која беше поддржана од Демократската партија (ПД), стана првата жена претседател на островот, тесно победувајќи го Паоло Труцу, десничарскиот кандидат избран од Мелони.
Тоа беше прва значајна регионална победа од 2015 година за италијанските левичарски партии, кои се мачеа да изградат одржлива опозиција на коалицијата предводена од екстремно десничарските Браќа од Италија на Мелони.
Победата е многу тесна, но сепак победа. Тоде освои 45,4 отсто од гласовите, додека Труцу 45 отсто. Околу 750 илјади жители на Сардинија гласаа, а разликата е околу 2.000 гласа. Во анкетите пред гласање кандидатот на десницата водеше со шест проценти пред Тоде, но изборите покажаа нешто сосема друго.
„Ветерот се менува, иако некои луѓе не би се обложиле на тоа“, рече Ели Шлајн, која ја предводи ПД.
Водачот на М5С и поранешен премиер, Џузепе Конте, рече: „Сардинија ја избра нашата Алесандра Тоде. Првата жена што ќе ја води Сардинија. Тоа е незаборавен ден“.
Тоде, инженер кој е родена на Сардинија, беше заменик-министер за индустрија во владата на Марио Драги. „Многу сум среќна и многу горда“, рече таа. „Верувам дека можеме да напишеме страница од историјата за Сардинија“.
Поразот најверојатно ќе предизвика потреси во коалицијата на Мелони, која ги вклучува Лигата на Матео Салвини и Форца Италија, особено во пресрет на европските избори.
Мелони се судри со Салвини околу изборот на Труцу, градоначалникот на Каљари, како кандидат за нивниот сојуз. Салвини го сакаше актуелниот претседател на Сардинија, Кристијан Солинас, политичар од Лигата кој е под истрага за наводна корупција.
Карло Календа, кој ја предводи малата центристичка партија Ационе, на Икс напиша: „Тоа е лекција што ќе ја земеме предвид. Целосниот внатрешен колапс на десницата е добар знак за земјата и за Сардинија, со која Лигата управуваше многу лошо“.
Победата ќе биде поттик за ПД, која Шлајн се бореше да ја обедини откако беше избрана за лидер во февруари минатата година, делумно поради нејзиното приближување кон М5С.
Конте рече дека партиите го нашле вистинското „поле за игра“ на Сардинија, додавајќи дека алијансата произлезе од „напор и сериозна конфронтација“.
Двете партии ги здружија силите и за регионалните избори во регионот Абруцо на 10 март.
„Од 2015 година, левиот центар не презеде регион од десницата “, рече Шлајн. „Можеби овој пат е вистинскиот.
Браќата на Италија на Мелони сè уште имаат значително водство во националните истражувања, со 27,7% според неодамнешното истражување на анкетарот СВГ, по што следи ПД со околу 20%.
Мелони ужива во продолжениот меден месец во јавното мислење откако ја презеде власта во октомври 2022 година и успеа да управува со релативно стабилен коалициски брод. Но, некогаш популарниот Салвини се бори за политички опстанок и му треба значајна победа на европските избори во јуни. Тој смета тоа да го постигне преку здружување со европските екстремно десничарски сојузници, вклучително и Националниот собир на Марин Лепен и Алтернатива за Германија, додека Браќата на Италија се дел од блокот на европските конзервативни партии. (Според агенциите)