Сараевo филм фестивал со онлајн издание, Хазанавициус е претседател на жирито


БиХ- Францускиот режисер и сценарист Мајкл Хазанавициус (претседател на жирито), уметничкиот директор на Мегународниот филмски фестивал во Берлин, Карло Катриан, хрватската актерка Јадранка Џокиќ, српскиот режисер Срѓан Голубовиќ и раководителката на костумите Industry и на едукација на Морелиа филм фестивал Андреа Ставенхаген се членови на жирито на натпреварувачкиот програм на 26. Сараево филм фестивал кој стартува вечерва како онлајн издание и ќе трае до 21 август.

Тие ќе одлучат за годинешните добитници на наградата Срцето на Сараево, а победниците ќе бидат прогласени на свечена церемонија на 20 август во Народниот театар.

Хазанавициус е режисер и сценарист на црно-белиот нем филм „Артистот“ кој освои пет Оскари во 2012 година  и тоа, во категориите: најдобар филм, најдобра главна машка улога, најдобар режисер, најдобра костимографија и најдобра оригинална музика. Истата година, филмот освоил и три награди „Златен глобус“ за најдобар глумец, најдобра музика и најдобар филм.

Филмскиот фестивал во Сараево формиран во 1995 година од група ентузијасти, денес прерасна во најголем фестивал на филмот од Виена до Истанбул, и е под покровителство на УНЕСКО. Директорот на СФФ, е Мирсад Пуриватра.

По традиција, на црвениот килим на фестивалот дефилираат светски и регионални ѕвезди.

Лани, мексиканскиот режисер, продуцент и сценарист Алехандро Инариту, познат по проникливите, универзални приказни за човековата состојба, полскиот наградуван режисер Павел Павликовски и француската актерка Изабел Ипер беа добитници на почесното „Срце на Сараево“, награда за исклучителен придонес на филмската уметност на Сараево филм фестивал.

Краткометражниот филм „Ќе му се јавам на татко ти“ по сценарио и режија на Леон Ристов утре ќе има светска премиера на Сараевскиот филмски фестивал . Ќе биде дел од селекцијата „Тин арена“ (Teen Arena), која прикажува филмови што го испитуваат односот помеѓу тинејџерите и светот.

Филмот раскажува за средношколецот Дамјан (Александар Андоновски) кој е претепан од маалски врсници, па мајка му (Николина Кујача) настојува  проблемот да се реши цивилизирано и му се јавува на поранешниот сопруг (Оливер Митковски) за да се справи со ситуацијата.

„Ќе му се јавам на татко ти“ е независна филмска продукција. Проектот е целосно финансиран од  Wesleyan Summer Grants, во продукција на „Џолев и уметностите“, со постпродукциска поддршка од Machina Production Skopje.

 

– Идејата за филмот ја добив додека бев во прва година од филмските студии на Wesleyan University во САД, каде што студирам со целосна стипендија веќе три години. Дознав дека кариерниот центар при Wesleyan нуди летни грантови за искуства кои би го унапредиле професионалниот развој на студентите. Оттука, решив да аплицирам за овој грант со филмот и успеав да го добијам. Скромната сума ја посветив на повратен лет и квалитетна опрема. Снимавме три дена во населбата Аеродром и во симпатично уредениот стан на мојата баба. Најдрага ми беше довербата од страна на искусни професионалци како што се актерите Николина Кујача и Оливер Митковски и директорот на фотографија Владимир Димоски. Со нив се запознав првпат со тоа што им го испратив сценариото за проектот. Фактот дека ја прифатија соработката со мене ми потврди дека имаме шанса да создадеме квалитетен филм, изјави Ристов.

Од сабота до крајот на Сараево филм фестивал (22 август), „Ќе му се јавам на татко ти“ ќе биде достапен за изнајмување од веб-страницата ondemand.sff.ba од секаде низ светот.