Сараево филм фестивал: Оскаровци и ѕвезди


БиХ– Мексиканскиот режисер, продуцент и сценарист Алехандро Инариту, познат по проникливите, универзални приказни за човековата состојба, полскиот наградуван режисер Павел Павликовски и француската актерка Изабел Ипер се добитници на почесното „Срце на Сараево“, награда за исклучителен придонес на филмската уметност на Сараево филм фестивал.

Сараево е моментно центарот на филмската уметност во регионот. Се одржува 25 издание на култниот фестивал , кој е под покровителство на УНЕСКО.

На црвениот килим, годинава босански традиционален килим,  продефилираа европски и регионални ѕвезди- актери, пејачи и водители.

Инариту и Ипер во Сараево ќе одржат и мастерклас, а ќе има и специјална проекција на неговиот филм „Брдмен“, за кој доби „оскар“ за режија.

Филмскиот фестивал во Сараево формиран во 1995 година од група ентузијасти, денес прерасна во најголем фестивал на филмот од Виена до Истанбул. Директорот на СФФ, е Мирсад Пуриватра.

Продукцијата „Сестри и брат Митевски“ на Сараевски филмски фестивал

Продукцијата „Сестри и брат Митевски“ годинава ќе биде застапена на Сараевскиот најреномираниот регионален филмски фестивал во речиси сите програми. Во официјалната натпреварувачка конкуренција за кратки и анимирани филмови регионалната премиера ќе ја има анимацијата „Една“ на Вук Митевски.

Како што информираат од продукцијата „Сестри и брат Митевски“, актерката Зорица Нушева од филмот „Господ постои, името и е Перунија“ ќе биде преставена на фестивалот во програмата за меѓународен кастинг, а актерите Стефан Вујисиќ и Илија Волчески се селектирани и ќе бидат дел од Сараево Талент Кампус.

Посочуваат дека филмот „Господ постои, името и е Петрунија” ќе се прикажува вон натпреварувачката програма „Во фокус”, а во истиот програм ќе се прикажува и „Полусестра”, најновиот филм на словенецот Дамјан Козоле во кој „Сестри и брат Митевски“ учествуваат како малцинска копродукција.

Режисерката Теона С. Митевска на Сараевскиот филмски фестивал е поканета да биде и член на главното меѓународно жири предводено од шведскиот влијателен режисер Рубен Ослунд.