Сара Климовска во режисерски води, нејзиниот првенец „Врзани“ е во престижна селекција
Краткометражниот игран филм „Врзани“, режисерско деби на македонската актерка Сара Климоска, е дел од селекцијата на престижниот European Short Pitch програм, чија финална фаза се одржува во периодот 26 до 29 февруари во Рен, Франција.
Од 2007 година, дел од овој програм биле стотина филмови од краток формат кои потоа остваруваат значајни успеси и премиерни прикажувања низ најголемите светски фестивали како Кан, Берлинале, Локарно, Санденс итн.

Од илјадници апликации секоја година, European Short Pitch издвојува вкупно дванаесет проекти од исто толку европски земји. Програмот има за цел да ги развие, вмрежи во копродукции и дистрибуција, како и да ги промовира филмските остварувања при понатамошниот тек на реализација.
Како продуцент на „Врзани“ се јавува Вардан Тозија и продукциската куќа Унита Филм.
Климовска, една од најангажираните актерки во македонските филмови, од неодамна вработена во Драмски театар, во 2021 година се најде меѓу 10-те најдобри актерски таленти во Европа и беше добитник на наградата „Шутинг старс“ (Shooting Stars), што ја доделува платформата Европска филмска промоција (ЕФП). „Шутинг старс“ е најстарата и најпрестижна иницијатива за промоција на европски таленти на меѓународниот филмски пазар. Од Македонија, оваа награда досега ја добија Лабина Митевска во 2009, Наташа Петровиќ во 2011 и Благој Веселинов во 2019.