Санта мраз голема колку Лондон се одвои од Антарктикот


 

Санта мраз голема колку Лондон се одвои од Антарктикот, соопшти на својата интернет-страница Британското антарктичко истражување (БАС).

„Огромна санта мраз (1.550 квадратни километри), голема речиси колку Лондон се откина од ледениот појас Брант со дебелина од 150 метри. Ледениот брег се откина откако пукнатините што се појавија природно во текот на изминатите неколку години се проширија низ ледениот појас, што доведе до отцепување на сантата“, се наведува во соопштението.

Ледениот брег се откинал минатата недела, а тоа е второ поголемо парче мраз одвоено од антарктичкиот глечер последните две години.

На глечерот од кој се откина сантата има истражувачка станица, но тамошните научници соопштија дека областа каде се наоѓаат не е загрозена.

Тие посочуваат дека самиот глечер има сложена структура, а последиците од отцепувањето не можат да се предвидат.

Сите промени на глечерот редовно се следат преку посебен автоматизиран систем.

Глациологот од БАН, Доминик Хоџсон, изјави дека настанот не е поврзан со климатските промени.