Санкт Петербург нападнат со дрон, затворен аеродромот


Попладнево огромен пожар избувна во индустриска зона во близина на рускиот град Санкт Петербург. Снимки на кои се гледа пожарот и огромен облак чад се проширија низ социјалните мрежи.

Како што јави „Украинска правда“, затворен е аеродромот Пулково, а пожарот зафатил и хангар. Пожарот се проширил на површина од околу 1.000 квадратни метри. Локалните власти тврдат дека во областа е соборен украински дрон.

Како што соопштија локалните власти, долж автопатот Волконској во Ленинградската област се запалил хангар. Руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека во пожарот се повредени две лица. Руската Федерална агенција за воздушен транспорт објави дека од 17 часот на аеродромот Пулково се воведени голем број ограничувања поради безбедноста на цивилните авиони. Пожарот подоцна беше локализиран, а ограничувањата на Пулково беа укинати.

 

Независниот портал База објави дека се воведени ограничувања на аеродромот поради обид за напад со дрон врз производствен погон во Санкт Петербург.