Санчез и Мицотакис притискаат за ковид сертификатот


Премиерот Киријакос Мицотакис беше меѓу првите што ја прими вакцината за да го охрабри грчкото население  (Фото: АФП)

Дигиталниот зелен сертификат за вакцинација беше тема на разговор меѓу премиерите на Грција и Шпанија, Кирјакос Мицотакис и Педро Санчез за време на Делфи економскиот форум во Атина. Мицотакис истакна дека е важно тој што е можно побргу да се имплементира, но исто така и да се избегне карантинот, односно граѓаните да можат слободно да патуваат и слободно да се вратат во нивните земји без да треба да влезат во карантин.

-Ќе имаме значаен број Европејци кои ќе бидат вакцинирани и ќе ни треба европски заеднички стандардизиран доказ за вакцинација или доказ дека е прележана болеста или доказ дека постои негативен тест пред патувањето. Многупати разговаравме за ова, дискутиравме и во Порто, има значаен напредок во техничката работа и јас очекувам сертификатот да биде активен пред крајот на јуни и ќе ги направи нашите животи полесни, бидејќи нема да биде потребно да се склучуваат билатерални договори, рече Мицотакис.

Санчез истакна дека е особено важен чекор што ЕУ ќе го имплементира сертификатот и најважно е да постои договор во јуни „бидејќи треба да создадеме безбеден простор за да постои европска мобилност“.

-На она што Кирјакос го кажа би ја додал важноста да ја научиме лекцијата од оваа криза. На почетокот од кризата менаџментот на Европската унија беше целосно недоволен, имавме недостиг на информации, на податоци, на размена на тие информации меѓу државите,  за да го знаат текот на пандемијата, особено на почетокот, мината година. Мислам дека овој дигитален зелен сертификат исто така ќе ја подобри нашата координација и соработка против вирусот, објасни Санчез.

Инаку, од 3.740.000 вакцинации спроведени во Грција од почетокот на процесот на имунизација, речиси два и пол милиони граѓани се вакцинирани со првата доза, односни 23,7 отсто од населението, а над 1.245.000 се ревакцинирани, што е 12 отсто од популацијата.

Санчез пак објави дека Шпанија е на 100 дена од стекнување колективен имунитет. Според него, 70 проценти од шпанските граѓани ќе бидат вакцинирани до 18 август, што е доволно за да се добие колективен имунитет.

Досега во Шпанија се дадени 19 милиони дози вакцина, односно 28 проценти од населението примиле барем една доза од вакцината, а шест проценти ја примиле втората доза.Исто така, во април се вакцинирани повеќе граѓани отколку во првите три месеци од оваа година, а според статистичките податоци, една доза на вакцината се дава на секои две минути.

– Почнуваме да ја надминуваме оваа катастрофа, рече Санчез.