Санкциите против Лукашенко се порозни

Нафтената индустрија извезува, исто како и големата индустрија за вештачки ѓубрива


 

Казнените мерки преземени против белорускиот режим на претседателот Александар Лукашенко изгледаат многу помалку ефикасни отколку што тврди ЕУ. Половина година по санкционирањето на делови од важната индустрија за нафта и ѓубрива, станува јасно колку празни се мерките.

На големиот производител на ѓубрива „Беларускали“, на пример, сè уште му е дозволено да извезува вештачко ѓубриво со содржина на калиум од 40 до 62 проценти – токму производите од кои зависат гигантите за ѓубрива како норвешката група „Јара“. Норвешка, како земја која не е членка на ЕУ, исто така се приклучи на санкциите, можеби и поради тоа што земјите од ЕУ не можеа да се договорат за укинување на веќе постарите правила за исклучок, како оние направени за „Јара“.

„Јара“ нагласува дека работи со независен синдикат во Белорусија и се залага за правата на белоруските работници. Наводните независни синдикати, според долгогодишниот белоруски поранешен функционер и денешен опозициски политичар Анатол Котау, „се многу загрижени за нивното постоење и имаат тенденција да ги поддржуваат економските интереси на режимот“. Комисијата на ЕУ не можеше да каже каква штета претрпе „Белорускали“, еден од најголемите светски производители на ѓубрива, од санкциите на ЕУ досега.

Се чини дека и нафтената индустрија не е толку силно погодена. Според белоруската новинска агенција Белта, извозот на нафтени деривати во Естонија бил на рекордно ниво во 2021 година. Дрвната индустрија, која е важна за Лукашенко, досега е целосно поштедена од санкции. Неодамна беше објавено дека австриската компанија за дрва „Кроноспан“ започнува со изградба на четвртата фабрика во земјата. „Ако ЕУ сака да ги спроведе човековите права, таа мора да биде побескомпромисна“, вели Котау. (Шпигел)