Санкции за секој што нема да ја почитува одлуката за рационализација на трошоците во јавниот сектор


Со вчерашната владина одлука секоја набавка на мебел или на возила во државните институции, мора да биде одобрена од Владата и тоа ќе биде направено само во случај доколку е неопходно, нагласи денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Тој додаде дека во однос на мебелот и на возилата кога се правел Буџетот за 2022 година тековните трошоци се намалени за осум проценти, мебелот бил предвиден само за опремување на касарните и на училиштата таму каде што е потребно, а возила биле предвидени за инспекциските служби и за доминантната бројка и други институции каде што се неопходни.

Во однос на другите трошоци, а тоа се тековните трошоци за стоки и услуги, што се ограничени со процент на намалување, како и трошоците за репрезентација што се ограничени со 50 процентно намалување, премиерот Ковачевски истакна дека контролата ја врши Министерството за финансии, бидејќи за сите институции има увид на дневна основа за нивното работење и трошоците.

Јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост, истакна премиерот, имаат обврска на три месеци да поднесуваат финансиски извештаи до Комисијата за економски систем, а потоа се разгледуваат и одобруваат на Влада.

– Секој што нема да ја почитува таа одлука ќе биде санкциониран согласно законите за трговски друштва и за работни односи, предупреди премиерот Ковачевски, кој денеска заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир направија теренска обиколка на локацијата во кругот на „ОХИС“, каде завршуваат подготвителните активности за почнување на процесот на чистење на малата депонија со линдан и неговите изомери.

Инаку, Владата усвои антикризни мерки за рационализација на трошоците во јавниот сектор задолжувајќи ги сите буџетски корисници да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 проценти и да достават соодветен предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии најдоцна до 21 март.

Мерките за рационализација забрануваат започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила, освен за неопходните активности за работењето на институцијата по претходна согласност од Владата. Владата ги задолжи сите буџетски корисници и правни лица основани од државата, за 50 проценти да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користење на службените возила задолжително. Сите буџетски корисници и единки корисници добија задолжение да го намалат бројот на службени патувања и значително да се намали бројот на членови на делегации при патувања во странство. Владата ги задолжи и јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост да ги намалат тековните расходи за 15 проценти, да ги преработат своите финансиски планови и инвестициони програми и за тоа да ја информираат Владата во рок од 15 дена.