Сани Шенер: Жена ми, ќерка ми и зет ми чекаат македонски пасош


По 22 години на врвот на холдингот „ТАВ аеродроми“, неговите соработници велат дека не влегува на листата на најбогати Турци, но Сани Шенер е на многу листи за највлијателни лидери во градежништвото и бизнисот. Негова специјализација се аеродромите, стратегиските вложувања и инвестирањето во инфраструктура. Во портфолиото на ТАВ има 14 аеродроми во 7 држави. Во Македонија, ТАВ веќе 10 години има концесија на аеродромите во Скопје и Охрид. На прес-конференција во Бодрум, Шенер најави дека сака ТАВ да ја продолжи концесијата по изминувањето на следните 10 години, до законски можните 35. Во меѓувреме, ќе вложат 10 милиони евра во дотерување на аеродромите според потребите на пазарот. Шенер ја сака Македонија и е познат по инсистирањето за македонски национален авиопревозник.

Зошто пред 10 години ја одбравте Македонија за аеродромски бизнис?
– Има две причини, прво Македонија и Турција имаат голема заедничка историја. Втората причина е што ние секогаш одиме на нови пазари, кои имаат потенцијал за раст. Не ни треба да одиме на заситени пазари. Зашто, кога станува збор за аеродромите, тоа е бизнис во постојан раст. И ова го забележавме токму во Македонија. Значи, не зборуваме тука само за историјата, историски однос, или да кажеме воопшто добриот однос што го имаме во Македонија, она што е особено важно е самиот пораст на пазарот, а во тоа се уверивме во овие 10 години.

Имаше ли нешто приватно што ве влечеше кон Македонија?
– Мене, приватно? Иста култура, луѓето се добри, дружељубиви, наклонети кон нас. И кога станува збор за човечките ресурси, интелектуалните капацитет, она што го добиваме од луѓето во Македонија. Луѓето кои се од Македонија не работат само во Македонија, туку имаме инженери и луѓе кои работат на високи позиции на многу други аеродроми во светот. Токму ова мене ме натера и јас да побарам и да добијам македонски пасош.

А вашата сопруга и другите членови на семејството?
– Токму сега мојата сопруга го поминува процесот за добивање македонски пасош. Мојата ќерка и зетот чекаат на ред за да ги добијат пасошите. Мојот зет е по потекло од Гостивар. Има многу семејства по потекло од Македонија, родум од Македонија, кои денеска живеат во Турција. Кога го добивме тендерот за концесија на аеродромите во 2009, телефонските линии на холдингот ‘се запалија’, сите ни честитаа. Добив повик и Шарик Тара, сопственикот на ЕНКА (најголема градежна компанија во Турција, н.з.) ми се јави и ми рече: „Сани, тоа е мојата земја, многу ти благодарам што ова го направиве за мојата држава. Јас не влегов во државата, но барем вие влеговте и затоа ти честитам“.

Колку често сте во Македонија?
– Еднаш месечно.

Што правите кога доаѓате?
– Само бизнис. За жал. Дури не можам да отидам ни до кањонот, како се вика, а да Матка. Кога останатите членови од холдингот доаѓаат во Македонија и на Инстаграм ќе стават слика од Матка, им пишувам: „Вратете се на работа“( се смее ). Љубоморен сум им, јас немам време да одам таму. Се надевам дека еднаш ќе имам една недела за шетање низ Македонија.

Најавивте нова инвестиција во македонските аеродроми, но истовремено велите дека ќе биде финансирана од холдингот бидејќи нема можност да е финансира од заработката на „ТАВ Македонија“. Зошто тогаш останувате во Македонија?
– Сè додека бизнисот не губи пари, тоа е добар бизнис за нас. Во моментов не губиме пари во Македонија, но профитот не е голем, тоа е вистина. Но среќни сме, ја враќаме инвестицијата и вработуваме 1.100 луѓе. Тоа е одлично.

Каков патник сте вие како човек што се разбира во авиони?
– А дали вие се плашите од авиони?
Не
– Во право сте. Кога знаете сè за авионите, ги распознавате звуците, знаете што точно се случува. На пример, пред два дена дојдов во Македонија со приватниот авион, се сретнав со премиерот и претседателот и полетав за назад. Забележав дека авионот не е в ред, дека има проблем со притисокот. Дојде стјуардесата, сакаше да ме послужи чај, ѝ реков „чекај, нешто се случува, знам дека нешто не е во ред“. Се вративме пак на скопскиот аеродром и летав со редовна линија.

Најавивте дека сакате да ја продолжите концесијата на аеродромите, но дали ќе успеете? Зашто многу релации имаат влијание?
– Многу министри и влади се сменија, но правилата што важат во државата не се сменија. Односот кон странските инвеститори не се смени. Затоа сме среќни. Ние го трасиравме ова. Ние не сме политичари. Државата останува иста.

Анита Салтировска