Санчез му се извини на Макрон откако шпанскиот Сенат го отфрли Шпанско-францускиот договор за пријателство
Мадрид – Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска му се извини на францускиот претседател Емануел Макрон откако Сенатот, благодарение на апсолутното мнозинство на опозициската Народна партија (ПП), го отфрли Договорот за пријателство и соработка меѓу Шпанија и Франција, оневозможувајќи ја неговата ратификација во земјата.
Санчез, сепак, изрази уверување дека шпанскиот Парламент ќе усвои нов договор од ваков вид пред крајот на актуелниот мандат, пренесува РТВЕ.
– Можам само да се извинам за негативниот исход од гласањето за договорот во Сенатот и сакам да изразам уверување дека Парламентот ќе усвои Договор за пријателство што ги одразува чувствата на Шпанците за братските односи со Франција – рече Санчез на прес-конференцијата по средбата со Макрон во палатата Монклоа, за време на дводневната државна посета на францускиот претседател на Шпанија.
Сенатот вчера го отфрли договорот токму на почетокот на државната посета на Макрон. И покрај тоа, францускиот претседател за време на здравицата на државната вечера во Кралската палата изрази уверување дека договорот на крајот сепак ќе биде усвоен.
Договорот за пријателство, кој беше потпишан на билатералниот самит во Барселона во јануари 2023 година, претходно доби поддршка од Претставничкиот дом и потврда од Уставниот суд. Судот оцени дека одредбата со која се предвидува учество на француски министри на седниците на шпанската Влада не е во спротивност со Уставот на Шпанија.