Санчез: Ја ставивте иднината на земјата пред било кој друг интерес

Ова е прва посета на шпански премиер на Македонија од независноста.


Македонскиот и шпанскиот премиер,  Димитар Ковачевски и Педро Санчез Перез-Кастехон, денеска остварија тет-а-тет средба на која уште еднаш беше потврдено силното пријателство помеѓу Кралството Шпанија и нашата земја, кое понатаму ќе се продлабочува.
На средбата беше истакнато дека Шпанија е докажан поддржувач на  Македонија во нејзините евроинтегративни процеси, што е од исклучително значење за нашиот пат кон европското семејство. Во срдечна и пријателска атмосфера беше оценето дека двете земји кои се и НАТО сојузнички, веќе три децении градат одлични билатерални односи и дека ваквите заложби ќе продолжат и понатаму.
Во рамки на првата официјална посета на премиерот Санчез  делегациите од двете земји остварија и билатерална средба на која присуствуваа повеќе министри во Владата. По средбата двајцата премиери имаа изјави  во кои главната порака се однесуваше на штотуку донесената одлука Македонија да почне преговори за членство со ЕУ. Премиерот Ковачевски притоа порача дека тоа е процес од кој нема да отстапиме, бидејќи нашето место е во Европската унија. 

 

„Конечно се одблокира процесот за преговори за Северна Македонија и Албанија. Ви честитам што ја ставивте иднината на земјата и  европската визија пред било кој друг интерес. Го  направивте вистинскиот  избор, го деблокиравте патот што ќе ја доведе Северна Македонија на местото каде што треба да биде. Северна Македонија е во Европа, како географски така и историски. Сега сте еден чекор поблиску до посакуваната цел“, порача шпанскиот премиер.  

Тој нагласи притоа дека овој пат не беше лесен, но можеме да сметаме на подршка на Шпанија, која идната година е претседавач со Унијата.

„Ве подржуваме и ќе продолжиме  да ве подржуваме во вашите следни чекори за членство во ЕУ и околу реформите што ќе бидат потребни. Секогаш вреди да се биде дел од овој европски  и политички проект како што е ЕУ. Уверен сум дека Северна Македонија што поскоро ќе биде дел од неа“, порача Санчез. Според него иако Македонија и шпанија се далеку, и двете се земји од југот на Европа, двете делат заеднички вредности и интереси  и двете имаат евроатлантска и европска вокација. 

Санчез се осврна и на , како што рече, бруталната агресија на Русија врз Украина со порака дека колку сме пообединети во Европа толку пократко ќе трае оваа војна. 

Премиерот  Ковачевски пак порача дека денешната посета е симбол на речиси 30-годишните одлични билатерални односи меѓу двете земји, изразувајќи благодарност за силната поддршка на Шпанија за членство на Северна Македонија во ЕУ.

„ Со отпочнувањето на преговорите нашиот идентитет, нашата посебност, она што е карактеристично македонско наше, ќе остане автентично македонско и во ЕУ од една страна, а ќе го збогати сложениот европски идентитет од друга страна“, изјави Ковачевски.

Ние го живееме европското мото секојдневно, порача Ковачевски, нагласувајќи дека нашето мултикултурно, мултиетничко општество е обединето во различностите и особено гордо на истите.

„  Ние сме подготвени за ЕУ и со цврст чекор одиме напред кон полноправно членство во Унијата. Тоа е процес од кој нема да отстапиме, бидејќи нашето место е во ЕУ.  Затворивме едно поглавје и отвораме ново, европско, во кое ќе делиме европска иднина со нашите пријатели, како што е Шпанија“, изјави Ковачевски.

Санчез го прими и претседателот Стево Пендаровски,.Поздравувајќи ја првата посета воопшто на еден шпански премиер на нашата држава, претседателот Пендаровски истакна дека Шпанија низ годините се покажа како важен партнер на Северна Македонија на билатерален и мултилатерален план и принципиелен поддржувач на аспирациите за членство во Европската Унија. Притоа, претседателот Пендаровски изрази задоволство од динамиката на политичките контакти во последните неколку години, истакнувајќи дека истите значително придонесуваат за унапредување на односите меѓу двете држави. Во таа прилика, претседателот Пендаровски го истакна интересот за натамошно проширување на економската соработка, трговската размена и инвестициската соработка во наредниот период, соопшти Кабинетот на претседателот.

Во однос на одлуката на Европската Унија за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, претседателот Пендаровски оцени дека отворањето на преговорите е од големо значење не само за реформските потфати во двете држави туку има влијание и во актуелните геополитички и безбедносни околности во регионот и на европскиот континент. Во тој контекст, како што стои во соопштението, претседателот Пендаровски нагласи дека Северна Македонија останува конструктивен партнер на Европската Унија во одговорот на предизвиците предизвикани од воената агресија врз Украина.

-На средбата беше посочено дека претстојното претседателство на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година и претседателството на Шпанија со Европската Унија во втората половина на 2023 година се добра можност за меѓусебно координирање во однос на активностите и приоритетите. 

Фото: Борис Грданоски