Санчез ги повика министрите да ги извадат вратоврските за да штедат струја


Шпанскиот премиер Педро Санчез во петокот побара од неговите министри, јавни службеници и вработени во приватниот сектор да престанат да носат вратоврски и да се ладат за време на топлотните бранови кои ги поттикнуваат клима уредите да работат понапорно.

„Сакам сите да забележите дека не носам вратоврска“, рече Санчез на прес-конференција.

Тој ги повика министрите и владините претставници „да не носат вратоврска, ако тоа не е потребно”, но не објасни како со тоа се заштедува струја, но веројатно поради тоа што при топло време во затворен простор лицето се чувствува поудобно без вратоврска и помала е потребата од употреба на клима уредите.

Шпанскиот премиер на конференцијата дојде без вратоврска, во бела кошула и сино палто.

Повеќе од еден месец времето во Шпанија е многу топло. Во некои делови од земјата температурата на воздухот надмина 40 степени, а надлежните апелираа граѓаните да не користат климатизери повеќе од потребното, за да се намалат трошоците за снабдување со електрична енергија.

Минатиот месец Шпанија одобри пакет економска помош во вредност од над девет милијарди евра. Пакетот вклучува и намалување на данокот на трошоците за користење струја и еднократна исплата од 200 евра за лицата со ниски примања.