„Сан“: Ако Борис Џонсон стане премиер, 12 британски министри ќе поднесат оставка


Повеќе од дванаесет британски министри планираат веднаш да поднесат оставка ако Борис Џонсон стане премиер следната недела, пишува весникот „Сан“.

Според весникот, освен Маргот Џејмс, заменик-министер за дигитализација, која се повлече вчера, ќе заминат и министерот за финансии Филип Хамонд, министерот за правда Дејвид Гок, министерот за економија Грег Кларк, за Северна Ирска, Карен Бредли, како и неколку помлади министри.

„Сан“ го насочува вниманието на вчерашното гласање во Долниот дом, според кое ќе биде невозможно идниот премиер да го распушти Парламентот во текот на есента и непречено да овозможи излез на Велика Британија од ЕУ на 31 октомври – со или без договор.

Весникот наведува дека ова гласање не е никаква „благородна заштита на демократијата“, туку средство за игнорирање на исходот од референдумот.