„Самсунг“ со остар пад на приходите поради помалата побарувачка за чипови

Јужнокорејскиот технолошки гигант Samsung Electronics денеска извести за остар пад на приходите и профитот во третиот квартал поради слабата побарувачка за чипови.
Во периодот од јули до септември, оперативниот профит на Samsung падна за 78 отсто, на 2,4 трилиони вони (1,79 милијарди долари), покажаа прелиминарните пресметки. Приходите најверојатно потонале за 13 отсто на 67 трилиони вони, проценува најголемиот светски производител на чипови и мобилни телефони.
Аналитичарите: Цените на мемориските чипови полека закрепнуваат, но трошоците на Samsung се зголемуваат
Забавувањето на економскиот раст и зголемувањето на каматните стапки ја намалија побарувачката за електроника и други производи за широка потрошувачка, принудувајќи ги производителите на чипови да го намалат производството за да го запрат падот на цените.
Аналитичарите проценуваат дека одделот за чипови на Samsung, неговиот главен извор на приходи, веројатно го затвори третиот квартал со загуба во опсег од три до четири трилиони вони. Цените на мемориските чипови полека закрепнуваат, но трошоците на Samsung се зголемија поради неповолниот сооднос на производството, велат аналитичарите.
„Светла точка во бизнисот на Samsung е силната побарувачка за чипови кои се користат во вештачката интелигенција“
Производителите на паметни телефони и компјутери со месеци се задржуваат на купување на нови мемориски чипови, трошејќи ги залихите во страв од економски пад. Залихите сега се доволно ниски за да се очекува закрепнување на побарувачката на почетокот на 2024 година, сметаат аналитичарите.
Светла точка во бизнисот на Samsung е големата побарувачка за мемориски чипови кои се користат во вештачката интелигенција, но компанијата заостанува во развојот зад домашниот конкурент SK Hynix и допрва треба да привлече големи клиенти, како што е Nvidia, објаснуваат тие.