Самоубиства во Италија поврзани со пандемијата


Пандемијата има големо влијание врз менталното здравје, а од март до денеска 71 самобиство и 46 обиди за самоубиства во Италија се доведени во врска со заразата.

Покрај последиците од финансиската криза, мерките за социјално дистанцирање и изолација, исто така доведоа до влошување на психичките тегоби, се наведува во текст објавен по повод Светскиот ден за превенција на самоубиствата – 10 септември.

Како што е наведено, постојат повеќе фактори на ризик од самоубиства, а порастот на бројот на самоубиства и обиди за самоубиство во текот на блокадата заради пандемијата може да се објасни со сопирање на одењето во клиниките за психолошка или психијатриска терапија.

„Депресијата е водечка причина за инвалидитети, бројот на депресивни личности расте во последните децении, а уште повеќе како резултат на пандемијата и нејзините последици“, вели шефот на Одделението за ментално здравје во болницата во Милано, Клаудио Менкачи.

Италија е прва европска држава која на почетокот на март воведе строги мерки на карантин на целата територија, а од блокадите излезе со постепено попуштање на рестриктивните мерки по речиси три месеци.