Самостојна изложба „Лирски експресии“ на Владимир Величковски


Самостојна изложба на Владимир Величковски со селекција од слики и цртежи што ги има работено во изминатите неколку години насловена „Лирски експресии“ вечер ќе биде отворена во Културно социјалниот простор Центар Јадро во Скопје. На отворањето на изложбата, Величковски ќе го изведе и социјалниот перформанс „Идентитет“.

Величковски, македонски сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор, ликовен критичар, е роден на 7 мај 1949, Скопје. Дипломирал во 1974 година Филозофскиот факултет во Скопје, каде и докторирал во 1997 година, а магистрирал на Филозофскиот факултет во Белград во 1985 година. Во периодот 1976-1977 година, тој бил на студиски престој во Париз. Бил професор по предметот „Современа светска и македонска уметност“ на Филозофскиот факултет во Скопје.
Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари. Активно работи и изложува од 1973 година.

Издавачката куќа „Македонска реч“ од Скопје ја издала книгата на Владимир Величковски „Уметнички критики и есеи“, која е петтиот том со истоимениот наслов на овој автор. Книгата содржи текстови пишувани и објавувани по 1973 година, од кога тој интензивно се занимава со ликовна критика. Оттогаш до денес, тој е еден од најистрајните хроничари на ликовниот живот во Македонија, вреднувајќи ги преку ликовната критика и есејот сите позначајни настани, изложби, појави, тенденции.

Владимир Величковски досега објавил повеќе од 80 монографии и книги од областа на ликовните уметности, од кои најголемиот дел се монографските изданија. Тој по вокација е сликар, и автор на повеќе тематски и групни изложби.