Самоизолацијата во Србија продолжена од 14 на 28 дена


Србија го продолжи периодот на задолжителна самоизолација од 14 на 28 дена, а забраната за движење во деновите на викендот почнува од 15 часот и трае до 5 часот. Ова се најновите мерки што ги донесе денес српската влада. Денес до 15 часот во оваа земја со корона вирус вкупно беа потврдени 659 лица.
Одлуката за продолжување на самоизолацијата се однесува на сите граѓани на Република Србија, како и на странците со дозвола за престој, кои влегле во земјата на 14 март и подоцна, на кои задолжителната мерка за самоизолација им се продолжува од 14 на 28 дена.
Ова практично значи дека секој што добил усмено или писмено решение за самоизолирање во траење од две недели по влегувањето во земјата, сега автоматски се продолжува за уште две недели.
„Сите граѓани и странци со дозвола за престој, без исклучок, се должни да го почитуваат продолжениот период на домашна самоизолација, што надлежните органи редовно ќе го проверуваат во наредниот период“, се вели во одлуката на српската влада.
Како дел од новите мерки е и укинувањето на можноста сопствениците на кучиња да можат да ги шетаат своите миленици 20 минути во периодот од 20 до 21 часот, како и затворање на сите отворени и затворени пазари.