Само во мислите…
Оливера Николова, помеѓу март 1936 и ноември 2024
ЈЕЛЕНА ЛУЖИНА
Големата Дама на „малата“ македонска литература – совршено организирана, образована, луцидна, креативна до вишните неба, одговорна, трудољубива и правдољубива до пароксизам, тактична, децентна, растена и воспитувана во пристојна граѓанска куќа… – таа и таква Оливера Николова навистина ги имаше сите можни предиспозиции за избор/градење на ептен сериозна кариера. Во која било област. Освен во некоја од тие сенишно-лагумски – на пример политиката – за кои персоните од нејзиниот сој и маштаб ниту се соодветно „подготвени“, ниту пак ич заинтересирани, боже пази!
Ерго, тогаш/одамна, на возраста во која секој треба да ја избере „најдобрата“ или „најбезбедната“ животна врвица, Оливера Николова навистина можела компетентно да се соочи со сите можности на овој свет. И да одбира во сите насоки, без зазор и каква било пречка. Ама таа, ете, емотивно избрала еден од најзабаталените и најнепрофитните мајсторлаци на нашите скудни времиња: пишувањето. Кое сигурно (со гаранција!) не ја збогатило во онаа буквална/трезорска смисла, ама затоа ѝ ги подарило „додадените вредности“ кои секогаш се мереле и ќе се мерат само со едно нешто: со чувствата. Чувствата се вистинити и, затоа, бесценети. Чувствата се паметат, не се абат, се чуваат за савек. За разлика од, да речеме, парите и таканаречената слава кои просто и лесно се арчат, најчесто туку-така, триж почесто во скудните времиња.
Ќе се обидам ова да го покажам/докажам со еден мал и навидум попатен пример. Пред години, некои дваесеттина наназад, мојава тогашна асистентка, капка млада, влезе во факултетскиот ни кабинет и – со возбуда и почит која просто не може да се опише – речиси без здив ја изговори реченицата: „Тука е мама на Зоки Поки!“
Зоки Поки, денес, ја трча својата седма животна декада. Неговата фикционална/книжевна биографија започнува во 1963 година, во мигот кога за првпат била испечатена првата книга насловена со неговото име: ЗОКИ ПОКИ – проза за деца.
Помеѓу 1963 година и нашите дни немало генерација која немала работа со Зоки Поки: не го допрела, не се идентификувала со неговиот бушав state of mind и не го запаметила за навек. Не само како поетичкиот туку и како етичкиот херој на сопственото детство. Зоки Поки на Оливера Николова, јунак на нејзината прва проза за деца, сосема природно и спонтано дотуркал до статусот на еден од корифеите на тукашното ни нематеријално културно наследство. И се израмнил, така, со Итар Пејо и Крали Марко! Или, ако зборуваме за некои други книжевни/културни традиции, со Пипи Долгиот Чорап, Хајди или Хари Потер!
*
Авторската библиографија на Оливера Николова е преполна со наслови, детски и „недетски“, прозни и драмски, кратки и долги, интермедијални (како сликовници) и интрамедијални/сценаристички (радиофонски и телевизиски)… Речиси и нема жанр во кој не оставила видна и важна трага. Длабока колку океанските дна. Ама, сепак, „официјалните“ книжевни и „општи“ историско-културолошки извори како да ја третирале „попатно“: многустраничната „Историја на македонската книжевност – ХХ век“, објавена 1990 година (понова нема!), името на Оливера Николова не го евидентирала ниту во индексот, дури ниту во фуснотите; прочуената а службено „неслужбена“ енциклопедија на МАНУ (објавена 2009 година), кавалерски ѝ подарила 576 знаци (бројки и букви,распределени во 9,5 реда)… Многупати се смеевме, спомнувајќи ги „одокативно“; не ѝ значеле, речиси исто колку и книжевните награди кои ги добивала повеќе од заслужено: трипати „Стале Попов“, двапати „Роман на годината“, по еднаш „Рациново признание“ и некогаш повеќе од престижната бившојугословенска Змаева награда „за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца“….
Единствените кои ѝ значеле, дури отаде, биле и останале само нејзините деца. И нејзините деца. И некои драги и блиски луѓе, неколкумина…
Пред две години, во издание на скопскиот Арс либрис, објавена е серија од сите десет нејзини „недетски“ романи. Не знам што ѝ останало во компјутерот и во тетратките, знам дека пишувала постојано и секојдневно…
Насловот на овој недоветен текст – Оливера не би го одобрила, знам! – го препишав од нејзината последна порака, испратена до мене вчера, на 3 ноември 2024, во 14,32 часот…