Само во Луксембург и Талин јавниот превоз е бесплатен
Скопје има најевтин билет за градскиот превоз од земјите во регионот. Данела Арсовска предлага за јавниот превоз и воопшто да не се плаќа, а парите за ЈСП од некаде мора да се најдат
Едно од најспектакуларните ветувања на овие локални избори е она на Данела Арсовска, независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ – дека доколку биде градоначалник ќе го направи јавниот превоз бесплатен. И плус градот ќе купи уште 250 автобуси. Многу анализи се направија дека е невозможно тоа да се направи – и нови автобуси и бесплатен превоз – а приходи да нема од никаде, освен од дотациите од градската каса.
Како тргнало на изборите ќе се ветува дека ништо веќе ќе нема потреба да се плаќа, дека Македонија е ветената земја Шангри Ла.
Има ли случаи каде јавниот превоз во големите градови не се плаќа? Има. Најпознати во Европа се Луксембург и главниот град на Естонија, Талин. Бесплатни се и одредени дестинации во некои други европски градови, а и градскиот превоз во повеќе помали гратчиња. Бесплатен превоз воведуваат некои големи трговски компании кои сакаат да превезат купувачи до големи шопинг-молови. Или пак бесплатни автобуси го поврзуваат Дизниленд крај Париз со околните хотели. Бесплатен е и на пример трамвајскиот превоз во француското гратче на Азурниот Брег, Обањ, каде линијата е долга 2,8 километри и има само седум постојки.
Во Луксембург не е бесплатен само јавниот превоз. Таму од февруари 2020 година бесплатен е сиот јавен превоз – автобуси, трамваи и возови во целата држава. А државата има помалку жители од Скопје, околу 600 илјади, и десет пати е помала од Македонија по површина. Луксембург е мала, но е екстремно богата држава – БДП по жител изнесува 115.000 долари. Македонскиот БДП по жител е претарано скромен во оваа споредба – 5.900 долари.
Вториот пример е Талин, главниот град на Естонија, членка на ЕУ. Жителите на Талин на референдум во 2012 година гласаа јавниот превоз да биде бесплатен. Талин има 430 илјади жители и неговата јавна мрежа на превозот е составена од автобуси, трамваи и тролејбуси. Бесплатниот превоз е само во рамките на границите на градот. Него може да го користат единствено граѓаните кои се регистрирани со живеалиште во Талин. Оние што жители на Талин мора да купат персонализирана „зелена карта“ за две евра и тоа е документ за бесплатно возење. Тие, пак, што не се жители на Талин мора исто да купат „зелена карта“, но плаќаат за превозот.
Скопје е поголем град од Талин, но е посиромашен. Едногодишниот буџет на Скопје е 118 милиони евра, додека на Талин во 2021 беше 861 милион евра. Тоа значи дека е поголем за 7,2 пати.
БДП по жител на Естонија е 23.300 долари, што значи дека е четири пати поголем од оној во Македонија.
Во главните градови на државите од поранешна Југославија секаде има одредени попусти за некои категории граѓани, но никаде не се споменува дека јавниот превоз треба да биде бесплетен, затоа штио тоа би го колабирало градскиот буџет. Во Скопје билетот за едно возење е најевтин – 35 денари. Во Белград (таму има трамваи, автобуси и торолејбуси) билетот е 89 динари (47 денари); во Љубљана билетот за едно возење е 1,20 евра; во Загреб (автобус и трамвај) билетот за едно возење во траење од 60 минути е 7 куни (60 денари); а во Сараево (автобус и трамвај) 1,60 конвертибилни марки (50 денари). (Н.В.)