Само во една средба Атиџе ми кажа 10 мудрости: Интервју со Тања Кокев, дизајнер


Лејла Сабит

Имам добра интуиција за добар проект и дали тој ќе биде успешен или не. Ако го почувствувам тој момент веднаш реагирам. Како што беше случај со „Медена земја“. Понудата за соработка им ја испратив уште година дена пред да се случат нивните номинации за Оскар. Многу сум селективна кога станува збор за соработка со познати личности. Сакам да бидат издржани ликови, убави, со јасен став пред јавноста, со цврст кредибилитет позади себе и реализација на професионално ниво. Тоа се критериумите на Кокев. Моментални инстаграм “ѕвезди” не се во описот заштитно лице на Кокев, вели за „Независен“ модната дизајнерка Тања Кокев , мошне амбициозна дама која изгледа како манекенка.

Зошто никој не сака да купува облека за седење дома, како коронавирусот означи крај на нашата романса со пазарното општество и хипериндивидуализмот и зошто пчеларката Атиџе , ѕвездата на „Медена земја“ е жена прекрасница, една во милион, во продолжение на интервјуто.

Фото: Ани и Дими

Коронавирусот ги сруши сите бизниси на домашниот и светскиот пазар, модните компании и ателјеа не се исклучок. Како тоа се одрази на вашата компанија?

-Како кажа Сајмон Вулфсон: “Никој не сака да купува облека за седење дома”. И тоа е сосема легитимно. Производството застана, продавниците и ателјеата ги затворивме, побарувачката ја снема. Oва е сепак индустрија која 80% сеуште се одвива преку физичка продажба. Такa што да одговорам на прашањето, она со што се соочи Кокев беа пролонгирања, затворено ателје, намалена продажба. Но, за среќа никој не ни ги откажа веќе направените нарачки, туку ни ги пролонгираа за месеците август, септември и октомври. Сега работиме со полна пареа да стигнеме се да испорачаме на време.

Со оглед на фактот дека вирусот се појави во Кина, глобален потрошувач на висока мода но и центар на ефтина работна рака, се има чувство дека светските модни брендови преку ноќ се освестија и почнаа да ги даваат најголемите донации за справување во борбата против епидемијата. Од друга страна, големи менаџерски трансфери се  слушуваат во луксузните компании за да се излезе од кризата. Како во иднина според вас, ќе ја перципираме модата? Здраво за готово, кој колку има, или шопинг треската ќе ја замениме со друга?

 -Пандемијата на коронавирусoт означува крај на нашата романса со пазарното општество и хипериндивидуализмот. Архитектурата на глобалното економско управување воспоставено во 20 век брзо ќе атрофира. И сето тоа е во ред бидејќи се изгуби шармот. Убавите вечери се заменија со брза храна, свечените тоалети со брза мода. Акцентот се стави само на работа и градење кариера без приватен живот и лични задоволства. И не кријам дека ми е многу мило што се наѕира ново доба кое треба да ги врати вистинските вредности, и полиестерот кој достигна цена на свила да биде заменет од истата. Модата има сериозно преиспитување каде ќе тера. И конечно да се прави разлика од мода до модна индустрија. Модата си е таму кај што треба да биде, во креативната идеја на дизајнерот, во уметноста, но лошо е индустријата каде сака да ја позиционира, во мас продукцијата на брза мода за една употреба. Дадена ни е шанса да го смениме курсот кон поголема национална солидарност и функционалност. Шанса за духовен раст и повеќе љубов. Можеби звучи идеалистички, но има две причини да мислам дека тоа може да се случи. Првото сценарио е  „заедничкиот непријател“, во кој луѓето почнуваат да ги гледаат своите неразлики кога се соочуваат со заедничка надворешна закана.  Ковид-19 претставува еден огромен “непријател” кој не прави разлика помеѓу богатите и сиромашните. Ковид -19 ни обезбеди енергија слична на фузија која треба да ни помогне да се ресетираме и да се регрупираме. Имаме шанса да бидеме сведоци на ново ниво на човековата добрина – алтруизам, сочувство и дарежливост на духот. Втората причина е сценариото „социјален шок”. Социјалните шокови можат да нарушат на различни начини, со што работите ќе бидат подобри или полоши. Но, со оглед на сегашното ниво на напнатост, ова сценарио сугерира дека сега е време да започнеме да промовираме поконструктивни обрасци во нашиот интимен, ментален, духовен, па потоа културен, економски и политички дискурс.  Времето за промена е јасно дека е созреано. Сведоци сме на планетарен ресет. Природата го прозива човештвото да се позанимава со себе. Бидејќи кога се занимаваме со себе секој од нас има шанса да оди на некое наредно ниво на духовен развој што е предуслов за планетарна. Веќе живееме на енергетски нова планета, на која старите модули на однесување нема да опстанат на подолг рок. Така што ако ни се случи ова духовно будење нема да има ни шопинг трески ни било какви други.Но, јас сум непоправлив идеалиста, може и не треба да ме слушате многу.

Маските станаа заштитен знак на  изгледот, претходно и ракавиците. Како да  мислиме на модата кога паметот ни е во здравјето? 

-Некои ќе мислиме, некои не. Во тешки времиња како ова сега некои од нас ќе се повлечат и ќе се вратат на елементарните потреби. Другите па ќе сакаме да сонуваме и да побегнеме од лошата реалност. Модата може многу добро да се справи и со двете потреби. Облеката е создадена за да не заштити, од ладно, топло, од вируси и слично. Но, модата е нешто друго. Таа е огледало на општеството и се она што се случува во него и секако рефлексија на самите нас. Најмоќната визуелна алатка за себеизразување.

Фото: Ани и Дими

Дали вие го сменивте стилот на облекување по карантинот? 

 -Секако дека не. Паралелно како работам на себе и моите потреби, работам и на мојот стил без некој поголем напор. Малку е дебилно да престанеш да работиш на себе и да кажеш, ок јас сум задоволен таму кај што сум сега. Ние сме битија желни за еволуција, за промени, константноста ни прија само кога ни е досадно. Така што паралелно со таа работа на себе логично е дека ќе еволуира и стилот на облекување, стилот на уредување на домот, изборот на музика, филм, патувања и се она што го чини секојдневието. Убаво е кога промената доаѓа од внатре, од себе, а не наметната од околината и надворешните фактори.

На кои (нови) лекции ве научи коронавирусот? 

-Моето будење се случи уште 2011. Така што лекциите ги учам подолго време. Карантинот траеше прекратко за лекцијата да се совлада. Искрено, лош повод, но јас уживав во карантинот. Не учев лекции, можеби повторував некои стари и само ги начнав новите. Времето го посветив на Клара, на мене, на заборавените домашни обврски, пикници во природа, на музика и медитација. Уживав во секоја минута од карантинот.

Како моден дизајнер ги туркавте границите во македонската мода: Имавте прво trunk show на модната сцена, дизајниравте маици за доедукација на студентите по медицина, прва бевте меѓу македонските креатори што лансираше парфем со дизајнерски потпис, со актерката Јелена Јованова како заштитно лице, ја облековте Атиџе и дел од екипата на „Медена земја“за Оскарите, ѕвездите на црвениот ќилим во светот носеа ваши дизајни, како Наташа Петровска… Многу славни личности се гости на вашите ревии и промоции, или носат ваши дизајни. Тие ве бараат вас или вие ги барате нив?

-Некогаш јас, некогаш тие. Имам добра интуиција за добар проект и дали тој ќе биде успешен или не. Ако го почувствувам тој момент веднаш реагирам. Како што беше случај со „Медена земја“. Понудата за соработка им ја испратив уште година дена пред да се случат нивните номинации за Оскар. Многу сум селективна кога станува збор за соработка со познати личности. Сакам да бидат издржани ликови, убави, со јасен став пред јавноста, со цврст кредибилитет позади себе и реализација на професионално ниво. Тоа се критериумите на Кокев. Моментални инстаграм “ѕвезди” не се во описот заштитно лице на Кокев.

Како изгледаше соработката со Атиџе? 

-Атиџе е жена прекрасница, една во милион. Таквите жени не се трансформираат, може ние да се  трансформираме учејќи од неа. Ние не сме тие кои требаше на таа скромност да и кажуваме како да прошета на Оскарите. Таа си ја знаеше бојата уште  пред да и го отвориме каталогот. Секако дека го испочитувавме  дрес кодот на домаќините, Оскарите и ја стокмивме во свечено руво, но не ја трансформиравме бидејќи не гледаме потреба за такво нешто. Ја испративме  на Оскари скромна, убава, дотерана онака како таа ќе се чувствува најпријатно. Само во една средба таа ми кажа 10 мудрости, јас тука не можам и не сакам ниту да додадам ниту да одземам нешто.

Со која славна личност сакате да работите? 

-Ако ми е дозволено да фантазирам во тој случај ја бирам Лорен Хатон. Од машките ликови, кралот на самоизразувањето Дејвид Боуви, но за жал не е веќе меѓу нас. Но, ете ако Срџан Јаничиевиќ некогаш направи претстава или документарец за него би сакала ја да бидам костимографот.

Фото: Д. Миличевиќ

Каква модна приказна ќе продолжи да раскажува Кокев? 

-Кокев го живее почетокот на вториот  циклус од своето постоење и  се чувствува како Феникс. Поумен, похрабар, подобар и подисциплиниран. Догодина славиме 15 години зрелост. Прво ќе направиме голема ревија и уште поголема журка и после на голема врата ќе ги вратиме парфемот, чевлите и секојдневната линија. Но, прво полека и со памет да ја пребродиме Ковид кризата.

Имате ли неостварена желба? 

-Имам, да го прошетам светот.