Само што седна на директорската фотелја, Богоев ќе се соочи со штрајк на вработените


Предупредувачки протест на вработени во Царинска управа, најавија денеска од Синдикатот на УПОЗ. Протестот ќе се одржи во петок од 12 до 12.30 часот. 

– Вработените во Царинска управа веќе со години наназад, иако имаат право согласно закон и колективен договор за исплата на триесет проценти на плата, тој додаток никако не го добиваат, појасни претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека доколку се нема слух за барањето, протестите за предупредување ќе се радикализираат, се размислува и за затворање на гранични премини и најави дека ова ќе биде првиот од протестите што ќе следат и во други институции. 

Инаку, вчера, Владата го именува  потпретседателот на СДСМ и поранешен градоначалник на општина Карпош, Стефан Богоев за нов директор на Царинската управа.

Богоев го презеде местото на Славица Кутиров, која се повлекла од директорската функција.

 
Богоев и во 2021 година, по завршувањето на градоначалничкиот мандат во општината Карпош, се споменуваше како сигурен кандидат за директорското место во Царина. Но, наместо тоа доби партиска функција.

Претходно, Кутиров со соопштение до медиумите информира дека Владата  ја прифатила нејзината оставка од функцијата директор на Царинската управа, поднесена од лични причини, а со цел понатамошен развој на нејзината професионална кариера на меѓународен план.