Масовната вакцинација почна, двајца паднаа во несвест
Двајца граѓани кои денеска чекале за вакцинација во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, паднале во несвест, а министерот за здравство Венко Филипче уверува дека тоа не е поврзано со вакцинирањето.
Тој, на денешната прес-конференција оцени дека добро се спроведува вакцинацијата во сите вакцинални пукнтови низ државата.
-Нема никакви проблеми со вакцинацијата на постари граѓани. Се користи и салата „Борис Трајковски“ за вакцинација, каде се вакцинираат по 300 луѓе за еден час. Само двајца граѓани имале состојба на лесна клиничка слика со колапс кој не се доведува во врска со вакцинацијата. За кратко време потоа по интервенцијата на итната медицинска помош се повратени и се во добра здравствена состојба – рече Филипче.
Планот е да се вакцинираат околу 3.000 граѓани во салата „Борис Трајковски“, а оптималниот број е околу 7.000 и во следниот период и по доаѓањето на вакцините ќе се скратуваат времињата на чекање меѓу сите граѓани за вакцинирање.
Тој додаде дека и девојката која имаше појава на тромбоза во окото, се чувствува добро и ќе биде пуштена на домашно лекување.
Во А1 Арената во „Борис Трајковски“ со вакцината „Спутник V“, донација од Србија, се вакцинираат вработени во МВР, АРМ, но и дел од здравствените работници, вработени на патарини и градинки и медиумски работници. Засега имаме 20.000 дози од оваа вакцина.