Само шест секунди дневно се доволни да ја распламтите љубовта


Психолог објасни како бакнежот кој трае најмалку шест секунди не само што може да ја спаси врската, туку и драстично да ја подобри.

За врската да биде посилна и партнерите да имаат поблиски односи, потребно е редовно да се бакнувате најмалку шест секунди, изјави психологот Џон Готман. Оваа негова теорија за едноставен начин за зајакнување на врската ја пренесоа сите светски медиуми, па затоа стана популарна „со брзина на светлината“.

Откако ќе заврши почетната фаза од врската, кога страстите се на врвот и кога физичкиот контакт е императив, паровите практично престануваат да се бакнуваат (освен како дел од предиграта за интимност). Бакнежите повеќе не се дел од интимната комуникација, блискост и нежност што ја чувствувате кон партнерот, туку начин да се збогувате кога ќе тргнете или кога ќе пристигнете.

Сепак, д-р Готман смета дека долгиот бакнеж кој трае најмалку шест секунди е одличен начин за зајакнување на врската. Истовремено, тој ги советуваше паровите да не се задоволуваат со кратки, брзи и рутински бакнежи – тие не придонесуваат за подобрување и продлабочување на врската.

Зошто бакнувањето има ваков ефект врз паровите? Според Готман, за време на бакнежот човек се смирува и чувствува голема благодарност за личноста што ја сака и која е во неговиот живот. Освен тоа, оваа убава навика поттикнува и добра и квалитетна интимност и ги разгорува страстите.

Научно е докажано дека бакнувањето го намалува нивото на хормонот на стресот кортизол и го зголемува нивото на хормонот на радост и приврзаност – окситоцин, како и хормонот на среќата – допамин. Антропологот Хелен Фишер го нарече бакнувањето механизам кој помага да се избере и процени потенцијалниот партнер и истакна дека овој тип на контакт ја зголемува желбата за интимни односи.