Само презентерите и номинираните со плус еден гостин ќе присуствуваат лично на Оскарите


САД- Само презентерите и номинираните со плус едно лице во придружба ќе имаат право лично да присуствуваат на 93. церемонија на „оскарите“.

Во писмото испратено до речиси 10.000 членови на филмската академија на САД, претседателот на Академијата за филмски уметности и науки Дејвид Рубин потврди дека само презентерите и номинираните со плус еден ќе бидат присутни лично на церемонијата на 25 април.

– Иако се надевавме дека пандемијата ќе биде во нашите ретровизори до месец април, здравјето и безбедноста на членовите на академијата и номинираните за награди се наш главен проблем, затоа моравме да донесеме неопходни одлуки за некои од нашите очекувани настани во неделата на „оскарите“, наведено е во писмото на Рубин.

„Менк“ на Дејвид Финчер доби најмногу номинации за 93. Оскари. Овој филм е номиниран во 10 категории.

За прв пат во историјата две жени, Клои Жао и Емералд Фенел, се номинирани за најдобра режија. До сега во оваа категорија биле номинирани само 5 жени. Жао е прва режисерка со азиско потекло која ја добива номинацијата, но и жена со најмногу номинации во една година – таа исто така е номинирана за адаптирано сценарио, за монтажа и за продукција за филмот „Земја на номади.“

За најдобар филм ќе се борат 8 наслови – „Земја на номади“, „Менк“, „Исус и црниот месија“, „Минари“, „Надежна млада жена“, „Звук на металот“, „Татко“ и „Судењето на чикашките седуммина“.

Клои Жао веќе освои Златен глобус за режија

За најдобра режија се номинирани Клои Жао за „Земја на номади“, Емералд Фенел за „Надежна млада жена“, Дејвид Финчер за „Менк“, Ли Ајзак Чанг за „Минари“ и Томас Винтерберг за „Уште една тура“.

Чедвик Боузман посмртно е номиниран за Оскар за најдобар актер за својата последна филмска улога во „Ма Рејни: Мајка на блузот“

Чедвик Боузман посмртно е номиниран за Оскар за најдобар актер за својата последна филмска улога во „Ма Рејни: Мајка на блузот“, а во оваа категорија се и Ентони Хопкинс за „Татко“, Риз Ахмед за „Звук на металот“, Гери Олдман за „Менк“ и Стивен Јеун „Минари“.

Гери Олдман во „Менк“

Петте номинирани актерки се Андра Деј за „САД против Били Холидеј“, Вајола Дејвис за „Ма Рејни: Мајка на блузот“, Френсис Мекдорманд за „Земја на номади“, Ванеса Кирби за „Делови од жена“ и Кери Малиган за „Надежна млада жена“.

Оскарите 2021 година ќе се емитуваат во недела на 25 април во 20 часот.

Свеченоста на доделувањето на Оскарите на 25 април ќе се одвива на повеќе места, а не само од „Долби театарот“ во Лос Анџелес, како досега, соопшти Американската академија за филмски науки и уметности.

Театарот „Долби“

– Во оваа уникатна година, која бара толку многу од нас, Академијата е решена да ги додели Оскарите, притоа давајќи приоритет на јавното здравје и безбедност на сите што ќе учествуваат. За да создадеме претстава која нашата светска публика ќе сака да ја види, прилагодувајќи се на барањата на пандемијата, свеченоста ќе се емитува во живо од повеќе места, вклучително и „Долби театарот“. Со нетрпение очекуваме да споделиме повеќе подробности, но тоа ќе се случи наскоро, соопшти Академијата.

Годинешниот пренос е замислен како своевидна комбинација од класичен ТВ-пренос, видеоврски со ѕвездите и интернет-пренос. Оскарите се најгледаниот забавен настан во САД, покрај Еми, Греми наградите и Златните глобуси.

И покрај минатогодишниот рејтинг на историски минимум со 23 милиони гледачи, доделувањето на Оскарите е на второ место по рејтинг, зад Суперболот.(АП)