Само Мицкоски не отиде кај новиот претседател


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е можеби единствениот порелевантен лик на политичката сцена во земјава кој еден и пол месец по инаугурацијата на новиот претседател Стево Пендаровски не стапнал сè уште во неговиот кабинет. Откако Пендаровски уште во инаугуративниот говор остави широко отворени врати за соработка со опозицијата, низ претседателската резиденција во изминатиот период продефилираа многу партиски лидери, раководители на разни организации и на државни институции…, но не и лидерот на најголемата опозициска партија. Последните средби запишани во „календарот“ на претседателската интернет-страница се со претседателот на Здружението на новинари и со претставници на Стопанската комора, а претходно Пендаровски имаше средби со лидерите на речиси сите парламентарни партии.

Од кабинетот на новиот претседател и вчера порачаа дека постои волја за соработка со ВМРО-ДПМНЕ и со целата опозиција, без да прецизираат дали во меѓувреме е испратена нова покана за средба со Мицкоски. Првичните информации од пред неколку седмици, пак, беа дека Пендаровски го поканил Мицкоски на средба,ама од партијата соопштиле дека лидерот бил зафатен тие денови. Наспроти тоа, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека досега не добиле никаква покана од претседателскиот кабинет за средба Пендаровски – Мицкоски. Од партијата посочуваат дека Мицкоски не беше поканет и на инаугурацијата на Пендаровски (со образложение дека не е носител на државна функција н.з.), каде што, пак, беа присутни добар дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, што беше протолкувано како сигнал дека новиот претседател е признаат и од опозицијата.

Прашањето за соработката на Пендаровски со најголемата опозициска партија се наметна по барањето за разрешување на Иванка Додевска од Националниот совет за евроинтеграции, како претставничка на претседателскиот кабинет од времето кога на чело на државата беше Иванов. Освен тоа, Додевска е член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, така што беше прашање на време кога новиот претседател ќе предложи нов член на Националниот совет. За тоа место Пендаровски го номинира својот советник Александар Спасов, но тој не можеше да учествува на вчерашната седница на Советот затоа што ова разрешување и именување треба да се реализира преку парламентот, а претходно да помине низ собраниската Комисија за избори и именувања.

Во меѓувреме, Пендаровски го докомплетира својот тим на Водно. Во неговото најтесно опкружување, очекувано, не се најдоа луѓе од кабинетот на претходниот претседател Ѓорге Иванов иако, според информациите, повеќето од нив остануваат на работа во претседателската резиденција. Оттаму досега заминале само поранешниот генерален секретар на кабинетот Борис Јосифовски, Елисавета Иванова од секторот за надворешна политика и Билјана Андонова од комисијата за помилување. Тие тројцата се „преселиле“ во кабинетот на поранешниот претседател во населбата Аеродром. На старото работно место во Агенцијата за разузнавање се вратил и Синиша Алексоски. Тој беше секретар на Советот за безбедност за време на вториот мандат на Иванов.

Пендаровски, пак, сè уште не го комплетирал Советот за безбедност. Од неговиот кабинет најавуваат дека тоа ќе се случи наскоро. Новиот претседател треба да именува тројца надворешни членови на Советот за безбедност, покрај членовите од државниот врв кои се таму по функција. Инаку, овој Совет доби засилени надлежности со новиот закон за координација меѓу безбедносно-разузнавачката заедница, така што преку него на стратегиско ниво ќе се одвива комуникацијата меѓу безбедносните служби во земјава, како што е предвидено со реформите во овој сектор.

Овие реформски закони беа донесени со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што сега, пак, неколку денови по ред излегуваат со критики во врска со именувањето на амбасадори од редовите на МНР, и тоа од времето кога се уште беше претседател Иванов и кој ги аминуваше со потпис. Во тој контекст, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, го спомна вчера и советникот на Пендаровски за национална безбедност Гоце Карајанов. Според Стоилковски, во изминатиот период голем дел од амбасадорите биле уназадени по враќањето во земјава, со исклучок на новиот советник на Пендаровски.

– Никола Димитров треба да објасни дали и зошто при враќањето на амбасадорите назад во Македонија ги уназадува со звањата, дури и на најниско ниво како началник на одделение. Ова важи за сите освен за советникот на Пендаровски – второто лице на Зоран Заев – Гоце Карајанов, кому му е доделено највисоко административно звање. Оттука, Димитров мора да одговори дали со новата систематизација, која почнува за десетина дена, ќе се деградираат и преместуваат политички неистомисленици на министерот – обвини Стоилковски.

Опозицијата го отвора прашањето за именувањата и враќањата на професионалните амбасадори во период кога се очекува да почне пополнувањето на дваесетина дипломатски позиции, во координација меѓу МНР, владата и шефот на државата. Една од причините поради која овие дипломатски места се празни подолго време е и лошата кохабитација на владата на Зоран Заев со претходниот претседател Иванов, кој настапуваше со разни условување во врска со пополнувањето на челните места во нашите дипломатско-конзуларни претставништва. (А.М.М.)