Само Коле Штерјев не ја ферма Антикорупциска


Неколку минути откако Државната комисија за спречување на корупцијата испрати писмо до Собранието дека премиерот не може истовремено да биде и министер за финансии, премиерот Зоран Заев излезе на говорница во законодавниот дом и соопшти дека се повлекува од министерското место.

„Му дадов налог на кабинетот да пушти предлог за повлекување на мојата кандидатура за министер на финансии. Кога е отворена дилема и дебата, треба да ги слушаме и опозицијата и Антикорупциска, која испрати порака. Ќе раководам со Министерството до избор на нов министер“, рече Заев од говорницата во Собрание.

Иако се повлече, Заев сепак ќе остане на чело на Министерството и практично оваа негова одлука нема ништо да промени во неговата првична намера, да биде и премиер и министер. Единствено испрати порака дека го почитува ставот на Антикорупциската комисија која порача дека ако премиерот стане и министер, членовите ќе треба да испитува судир на интереси кај премиерот.

И додека премиерот ја послуша Антикорупциската комисија, претседателот на Советот на јавните обвинители Коле Штерјев ѝ испрати порака дека не ја ферма, не ја плаќа казната за судирот на интереси што му го утврдија.

Штерјев остана недостапен да го искоментира потегот на премиерот. Минатата недела во изјава за медиумите порача дека не му паѓа на ум да ја плати глобата.

„Беше индикативно дека за баџанакот на претседателот на Собранието не било роднинство од втор степен, а тука е прв степен подалечно роднинство. Глобата не ја платив. Не ми паѓа на ум. Кога ќе одлучи судот, тогаш“, рече Штерјев.

На 24 април Државната комисија за спречување на корупција поведе прекршочна постапка против Штерјев бидејќи констатираше судир на интереси во овој случај и претседателот на Советот го казни со глоба од 500 евра.

Според Антикорупциска, и покрај тоа што на седницата на која се вршел изборот на седум јавни обвинители, претседателот на Советот во записникот истакнал дека доколку Советот би работел во полн состав би се изземал од седницата и би ја напуштил од причина што со кандидатот е во роднинска врска, тој сепак присуствувал и гласал воздржано за изборот на Ѓорѓева. Советот брои 11 членови, а за одлука требало две третини, односно осум, колку што гласале вкупно.

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска вели дека нивната постапка за Штерјев е завршена и сега случајот треба да се процесира во суд.

„Човекот кој доаѓа од таа фела испрати многу лоша порака до јавноста. Тој треба да биде пример како треба да се однесуваат луѓе во правосудниот систем. На тој начин покажува колку има интегритет, колку етика има во него и колку е професионален. Во секој случај, лоша порака“, рече Ивановска во емисијата „Отворено“ на Телевизија 24.

Штерјев ретко дава изјава во јавноста и нема речиси никаква комуникација со новинарите. Институцијата со која раководи беше критикувана и во извештајот на Европската комисија за нетранспарентност. (Ф.Ф.С.)