„Само глас“ на МНТ вечер на „Охридско лето“


Во рамки на драмскиот дел од програмата на „Охридско лето“ вечер на сцената Долни Сарај ќе се игра претставата „Само глас“ од Нина Плавањац, во продукција на Македонскиот народен театар и режисерот Марјан Неќак.

„Само глас“ е приказна за позната актерка која ја губи сопствената доверба и е напуштена од многу помладиот партнер балетан на кого му помогнала да ја создаде кариерата. Останува осамена и затворена во својот стан, кој не го доживува како сопствен дом, единствено друштво ѝ прави само чудниот пајак миленик Тарантула, кој ѝ останал од поранешниот партнер.

Режисерот и композиторот Неќак за оваа негова постаква ќе рече дека е креација создадена од неговата потрага по нови форми во музичкиот театар, но и нови драмски автори на дела за т.н. „музички театар“ со сета посебност што ја поседува како израз и стил.

„Потрагата кон Ја имав таа среќа да ја сретнам младата и талентирана Нина Плавањац која ги испиша овие чудесни зборови, реченици, страници на оваа современа приказна. Стилот во кој се движи оваа претстава навидум е драмски, но под него длабоко и слоевито музиката го интерпретира и го води дејствието. Безимената актерка е сама, потребен ѝ е глас, само глас, бидејќи тишината знае да создава болка, но тој глас ја создава драмата и емотивната апокалипса, но, исто така, тој глас неа ја освестува и ја води кон нов живот. На почетокот како монодрама, а потоа како комуникациско музичко дуо за два гласа менувајќи ги стиловите на изразување од драмски, музички до современа оперска интерпретација оваа приказна меѓу двајцата партнери кои комуницираат само преку нивните гласови, без телесни контакти, без вистинска слика како изгледаат, отвора едно ново поглавје во театарското изразување, а сепак користејќи го најстариот инструмент на човештвото – гласот!“, вели Неќак.

Марјан Неќак со музика се занимава од најраното детство завршувајќи нижо и средно музичко образование – контрабас и соло пеење. Пишува композиции за театарски, оперски и балетски претстави, мјузикли, филмови, телевизиски и други проекти, во кои на посебен и само за него препознатлив начин ја спојува и ја вткајува електронската музика испреплетена со балканскиот фолклор. Автор е на повеќе од 250 претстави, од кои 30 детски. Работи на проекти во скоро сите театри на Балканот и во Европа.

Композиторската и режисерската работа, и желбата за тотален театар резултира со основање на Подвижен музички театар (ММТ) во 2015 година. Дел од претставите што досега ги поставил како режисер и сценограф се: „Есенин“ (Народен театар, Битола); монооперата „Дневникот на лудиот“ од Николај Гогољ во продукција на ММТ; современата драмска опера „Девојчето со жиците“ (Национален театар, Љубљана во копродукција со ММТ). Работел на повеќе кореодрами, опери, мјузикли и музички драми меѓу кои се издвојуваат: „Дамата со камелии“, „Глембаеви“ и „Окованиот Галилео“ (ХНК, Риека); „Печалбари“, „Црна се чума  зададе“, „Обична приказна“ и „Травничка хроника“ (Народен театар, Битола); „Камов, Смртопис“/Moulen Rouge (ЗКМ, Загреб); „Тито – Коски во каменот“ („Еуроказ“, Загреб; „Лабараторио Нове“, Фиренца; „Кампнагел“, Хамбург); „Антица“ (Народен театар, Прилеп); „Македонска крвава свадба“ (Драмски театар, Скопје); „Венецијанскиот трговец“ (ХНК, Сплит) и многу други проекти.

Улогите во претставата што премиерно беше изведена на 26 мај годинава ги толкуваат Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, додека за балетските точки во неа е задолжен Мирослав Митрашиновиќ

Почетокот на изведбата е од 21 часот, а претставата не се препорачува за лица помлади од 18 години.