Само едно лице во карантин се пријавило за гласање


Од околу 3.700 активни случаи на Ковид-19 во Македонија, само едно лице се пријавило да гласа. Заразените граѓани и оние кои се во изолација треба да се пријават најдоцна до 8 јули во Општинските изборни комисии за остварување на правото на глас од дома. Остануваат уште два дена до истекот на рокот.

Овие граѓани, правото на глас ќе го остварат од нивните домови, за што се формирани посебни одбори составени од еден лекар, две медицински сестри и по еден член на партиите делегиран за набљудување на изборите.Сите мора да носат заштитна опрема против Ковид-19, која ќе се менува по секое гласање.

Овој Избирачки одбор кога ќе пристигне на одредена адреса, во домот на лицето кое побарало да гласа, мора да носи најлонски мантил, визир, маска и ракавици. Мора да прави честа дезинфекција на рацете и по спроведувањето на гласањето на лицето позитивно на Ковид-19 или на лицето кое е во домашна изолација, овие средства, односно заштитниот мантил, маската и ракавиците мора да ги фрлат во посебно ќесе.

Досега се формирани 100 избирачки одбори. Предвидено е по еден одбор да биде во секоја општина, но во општините каде има висок број заразени, како што е Чаир, гласањето ќе го спроведат два одбора. Граѓаните кои се во изолација ќе гласаат на 13 јули. За да го остварат своето право на глас од дома, лицата во изолација или позитивни на Ковид-19, треба да се пријават на веб-страницата на Општинските изборни комиси.