Само еден случај на западно-нилска треска кај пациентка која се вратила од патување


Фото: Б. Грданоски

Во регионот расте претпазливоста за потврдени случаи на западно нилска треска. Во Грција се регистрирани 11 случаи, двајца починале, додека во Србија се потврдени два случаи.  За сега во Македонија,  на Инфективната клиника е потврден само еден случај на западно-нилска треска кај пациентка која се вратила од патување на Јадранското море. Во моментов нема нови потврдени случаи,  како што вели д-р Видиниќ, се проверуваат сите кои се суспектни. Во тек се испитувања кај двајца пациенти и се чека потврдата од Институт за јавно здравје.

Самото присуство на тигрестиот комарец не значи веднаш и болест, инфекција и дека веднаш ќе пренесе нешто на луѓето, за да пренесе пак прво треба да биде во контакт со заболен човек, додаваат инфектолозите. Сепак тигрестиот комарец брзо се адаптира на климатските карактеристики и ја освојува територијата, преферираат урбана средина и близина на човекот.

Во меѓувреме потребно е општините и населението взаемно да помогнат во сузбивањето на овој вид, да се внимава на дивите депонии чиј причинител е човечки фактор. Центарот за јавно здравје препорача да се укине авионското прскање против комарци и да се зголеми прскањето од земја, да се даде акцент на соодветно третирање на водите, при тоа да се подигне свеста за климатските промени и сето она што тие со себе го носат. Според Соколовска Министерството за здравство треба да вложи повеќе финансиски средства за надзор на вирусоносителство кај комарците.