Само еден Бугарин во Македонија се пожалил на дискриминација
Минатата година до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација бил доставен само еден поднесок за дискриминација поради бугарско самочувство. Претседателката на Комисијата, Весна Бендевска изјави дека институцијата има високо ниво на самостојност и е важна во моментов, поради изјавите на припадници на бугарското малцинство во Северна Македонија кои велат дека им се загрозени правата а нема каде да се жалат.
– При крајот на минатата година беше поднесена само една постапка од граѓанин кој се пожали дека е дискриминиран на работното место – вработен во мала рурална локална самоуправа – поради неговото лично чувство дека има бугарско потекло. Ние сме должни да ја прашаме и другата страна. Одговорот беше интересен. Секој вработен во образецот М1/М2 се изјаснува по националност. Жалителот тука се изјаснил како етнички Македонец, па оттука не му е нарушено правото на еднаквост со неговото сменување од работното место, појасни Бендевска во гостување во емисијата „Утрински брифинг“.
Таа истакна дека Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација има веб-страна со детални податоци за случаите што ги имаат, колку се решени, до каде е постапката со одреден случај, а по ново можат електронски да поднесат претставка.
Претседателката на Комисијата ги охрабри сите граѓани кои се чувствуваат дискриминирано по кој било основ – етнички, родов, сексуален, политички и други основи, да поднесат претставка до Комисијата.
Бендевска додаде дека работата на Комисијата има ефект, иако некои од дискриминаторите не ја признаваат институцијата, поради тоа што не ја разбираат нејзината надлежност.
– Граѓанинот не мора ни да знае како да ја формулира претставката, доволно е да изнесе поради што ја поднесува претставката. Ние имаме право без најава да влеземе кај пријавениот за дискриминација и да извршиме увид па да го формулираме основот или основите на дискриминација, вели Бендевска.
Претставки може да поднесуваат и правни лица, односно здруженија кои се борат против дискриминациски основи. Најмногу од претставките што ги добиле, Бендевска посочи дека се поврзани со дискриминација на работното место.
Инаку, Македонија нема активни пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во однос на непочитување на права на Бугарите во Македонија, но затоа има преку 10 активни пресуди во Европскиот суд за човекови права во Стразбур во однос на непочитување на права на Македонците во Бугарија.
Македонското малцинство во Бугарија минатата недела се пожали дека ниту едно од правата предвидени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства не им е дадено независно што истата е ратификувана од Бугарија.
-Ние дури и немаме базично и фундаментално за демократијата право како тоа да создаваме и делуваме преку свои партии и организации, а исто така оние од нас кои имаат второ македонско државјанство немаат право да се кандидатираат на избори. Заради нашата етничка припадност ние сме постојан објект на говор на омраза, кој никогаш не се казнува и сме стигматизирани како непријатели на државата. Преку сето тоа сме систематски маргинализирани и исклучени од општествениот и политичкиот живот на земјата во која живееме. Нашите обиди да си ги бараме и штитиме правата преку бугарските институции константно се отфрлани и блокирани. Бугарските власти одбиваат да започнат дијалог со нас за постоечките проблеми независно од редовните препораки кон нив за тоа од страна на институциите во рамките на Советот на Европа и 14 пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права. Претседателот Радев не само што нема прифатено ниту едно од нашите барања да не прими, но дури и не нема удостоено со било каков одговор. стоеше во реакцијата на преставниците на македонското малцинство.
Притоа тие илустрираа што значи кршење на малцински права во држава: Стојан Герасимов – претседател на Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија, жртви на комунистичкиот терор, 5 години лежел поради својата македонска самосвест во бугарски затвор. Друштвото постои 12 години, има добиено повеќе од 20 откази да биде регистрирано независно што го има добиено случајот во Стразбур.