„Само добрини му правев во животот“: Уште едно писмо од Груевски до Мицкоски


Фото: Б. Грданоски

 

Продолжува епистоларната „војна“ меѓу поранешниот и сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ  без вистински да се знае дали е тоа наместена игра или навистина дошол моментот за разидување меѓу нив двајца.

По денешниот опдговор на Христијан Мицкоски на барањата што вчера му ги испорача Никола Груевски од Будимпешта пак се јави бегалецот. И меѓу другото напиша:

„Денес стигна одговорот на Мицкоски. И како што очекував без никаков аргумент, без никаков доказ или нешто слично. Рекла-казала од типот ‘се слуша’, ‘гласно говорат’, ‘се фалат’ итн.

Тоа ли е политика? Така ли се води партија? Така ли се гради единство во партијата?

Мицкоски си ја исполни повеќегодишната желба да влезе во јавен конфликт и напади врз мене. Некој му кажал дека тоа ќе му е од корист. Провокациите од негова страна не се од вчера, само што на таа провокација од вчера не можеше да не се одговори, барем со прашања колку да се извади на површина дека Христијан Мицкоски изнасилено си создаде нов противник наместо да се занимава со власта, која седма година не може да ја урне и покрај нивната неспособност, корумпираност и безидејност.

Напишал дека сум сакал да создавам раздор и тој не сакал јавно да се препукува, ќе ми кажел во четири очи. А ме нападна преку најпознатиот германски медиум.
Јас знам, а и јавноста, дека со ниту еден збор или потег не сум направил раздор досега.
Ако навистина сум планирал такво нешто, зошто не почекаа, да се види тоа, да направам нешто што ќе им биде поткрепа на тезите, а не од наводни озборувања и гласини да градат политики.

Напротив, раздорот го направи тој со моето прогласување за нов непријател и жестокиот напад без да се даде најмала причина. Заев го направи најголем пријател и сојузник, мене кој цел живот го бранам националните, државните и партиските интереси, и само добрини сум му направил во животот ме прогласи за непријател.
По ова мерете му го умот!

Потоа ја стави целата партиска машинерија во одбрана на неговите параноични, штетни и бесмислени чекори и политики.

Се тоа може да му биде интересно до следните избори, кога оваа политика на создавање непријатели од луѓе кои го посветиле животот на партијата и каузата ќе ја следи од канцеларијата и ќе му одработува партиската машинерија која му ја оставив. Но, што потоа?“, напиша Груевски.

Во исто време стигнуваат изјава со поддршка од главните луѓе околу Мицкоски за поддршка на лидерот, а пратеникот Антонио Милошоски отиде и подалеку:

„Имаме сериозни индиции и документација за преговорите кои претставниците на СДСМ и ДУИ ги имале со поранешниот премиер во Будимпешта и писмена документација тука во Македонија“, изјави Милошоски, одговарајќи на новинарско прашање.