Само бод за Барселона против Валенсија, Меси го израмни рекордот на Пеле


Барселона вечерва ги подели бодовите со Валенсија, одигрувајќи 1:1 на домашен терен во 14. коло во Ла Лига, но резултатот остана во сенка на постигнувањето на капитенот на каталонскиот клуб Лионел Меси.

Аргентинецот биеше прецизно во судиското продолжение од првото полувреме и се израмни со бројот на постигнати голови во клупската кариера со легендарниот напаѓач на бразилски Сантос од минатиот век, Едсон Арантес до Насименто Пеле.

Меси дебитираше во дресот на Барселона со 17 години, во 2004, и оттогаш постигна 643 голови во дресот на каталонскиот клуб во сите натпреварувања, израмнувајќи го рекордот што со децении суверено го држеше бразилската легенда Пеле.

Со ремито против Валенсија, Барселона го зголеми заостанувањето зад лидерот Атлетико Мадрид на осум бодови, откако тимот на Диего Симеоне претходно денеска триумфираше на домашен терен над Елче со 3:1.